Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин сака да ја продолжи војната и покрај американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот во Украина, додавајќи дека се плаши тоа да му го соопшти на шефот на американската држава Доналд Трамп.

„Сега сите слушнавме од Русија многу предвидливи, многу манипулативни зборови од Путин како одговор на идејата (за прекин на огнот), тој всушност подготвува отфрлање. Се разбира, Путин се плаши директно да му каже на претседателот Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да убива Украинци“, рече Зеленски.

Според него, Путин „често користи таква тактика и избегнува директно да ги отфрли преговорите“, но дека „одложува и спречува нормални одлуки“, пишува „Украинска правда“.

„Ние не поставуваме услови кои ги отежнуваат работите. Русија го прави тоа. Како што отсекогаш зборувавме, единствената што ќе ги одолговлекува работите, единствената што ќе биде неконструктивна е Русија“, рече Зеленски.

Тој додаде дека на Русија „ѝ треба војна“ и оти е неопходно да се изврши притисок врз Путин со воведување санкции кон Русија на европско и глобално ниво.

По украинско-американските разговори во Џеда во вторникот, Украина го прифати предлогот за 30-дневно примирје, а Путин рече дека се согласува со предлогот, но дека има нијанси што треба да се дефинираат.