Зеленски: Путин не се плаши од Европа, Трамп да застане на страната на Украина

На Украина ѝ се потребни пошироки безбедносни гаранции, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Фокс њуз, во кое го повика американскиот претседател Доналд Трамп да застане на страната на Украина, ренесе Ројтерс.

Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, вети брзо завршување на војната меѓу Русија и Украина, но не објасни како планира да го стори тоа додека неговите помошници сугерираат дека преговорите би можеле да траат со месеци.

Трамп изрази подготвеност да разговара со Путин за завршување на војната, што е во спротивност со политиката на поранешниот демократски претседател Џо Бајден, кој избегнуваше контакт со рускиот лидер.

Изборната победа на Трамп во ноември ги зголеми надежите за дипломатско решение за ставање крај на руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.

Но, во Киев постои загриженост дека брзиот мировен договор може скапо да ја чини Украина.

„Сакаме тој (Трамп) да биде на страната на правдата, на страната на Украина“, рече Зеленски во интервјуто емитувано вчера вечер. „Путин не се плаши од Европа. Тој додаде дека Украина не може да ја признае руската окупација, но претпочита дипломатско решение.

По почетокот на руската инвазија, САД под водство на Бајден и обезбедија на Украина повеќе од 175 милијарди долари помош, вклучително и повеќе од 60 милијарди долари воена поддршка. Останува неизвесно дали таа помош ќе продолжи да тече со исто темпо под администрацијата на Трамп.