Зеленски не им гарантира безбедност на гостите на 9 мај во Москва, Медведев му врати дека тогаш Киев може да не го дочека 10 мај

Препукувањата меѓу Киев и Москва во пресрет на прославата на Денот на победата над фашизмот во главниот град на Русија доживеаја кулминација со заканите од украинскиот претседател Володимир Зеленски и од заменикот-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.

Зеленски го отфрли предлогот од рускиот претседател Владимир Путин за тридневно примирје на 9, 10 и 11 мај, велејќи дека „Украина не може да ја гарантира безбедноста на светските лидери во Москва на 9 мај“.

Како што објави Унијан, тој инсистира на 30-дневен прекин на огнот. За време на разговорот со новинарите, претседателот изјави дека „не сака да си игра со кратките примирја предложени од Путин“.

Според него, моделот на прекин на огнот од 30 дена е најоптимален, бидејќи е невозможно да се договори нешто за неколку дена.

Тој, исто така, истакна дека, доколку се донесе одлука за прекин на огнот во траење од еден месец, прашањето за мониторингот мора брзо да се реши.

Медведев, пак, изјави дека во случај на провокација од Украина на Денот на победата, „никој не може да гарантира дека Киев ќе го доживее 10 мај“, додавајќи дека Зеленски „го разбира тоа“.

Медведев ја опиша изјавата на Зеленски дека го отфрлил предлогот на Путин за тридневен прекин на огнот на 8, 9 и 10 мај и дека „не може да ја гарантира безбедноста“ на светските лидери кои ќе присуствуваат на парадата во Москва како „вербална провокација и ништо повеќе“.