Зеленски: Не му должам извинување на Трамп, но ќе биде тешко без поддршка од САД (ВИДЕО)

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не мисли дека треба да му се извини на американскиот претседател Доналд Трамп по нивниот судир во Белата куќа во петокот, но нагласи и дека го почитува американскиот претседател.

Во интервју за Фокс њуз, на прашањето дали мисли дека должи извинување, Зеленски одговори:

„Не, го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ и (…) Мислам дека треба да бидеме многу отворени и многу искрени. Не сум сигурен дека направивме нешто погрешно“, објави агенцијата ДПА.

Украинскиот лидер оцени дека ваквиот исход од средбата „не е добар за ниту една страна“.

Тој исто така рече дека Трамп греши кога тврди дека никогаш нема да сака да потпише договор со рускиот лидер Владимир Путин, но предупреди и дека Украина мора да биде во силна позиција, пренесе Ројтерс.

Тој призна дека ќе и биде тешко на Украина да и се спротивстави на Русија без поддршка од САД и изрази уверување дека неговиот однос со Трамп може да се спаси.

Но, тој додаде дека посакува Трамп да биде „повеќе на наша страна“.