Зеленски го отпушти командантот на военото воздухопловство по падот на авионот Ф-16

Падот на донираниот борбен авион Ф-16 во понеделникот го чинеше функцијата командантот на Военото воздухопловство на Украина, Микола Олешчук, кого претседателот Владимир Зеленски го отпушти, а на негово место првиот човек на армијата Александар Сирски го именува генерал-потполковникот Анатолиј Кривоношко.

Досега Кривоношко ја извршуваше функцијата командант на воздухопловната команда „Центар“ на Оружените сили на Украина, а 52-годишниот Олешчук командуваше со борбената авијација на земјата од 9 август 2021 година.

Еден од ловците Ф-16, кои Киев ги прими на крајот на јули, се урна на 26 август, само неколку недели по пристигнувањето на првиот авион од американско производство во Украина, објави „Волстрит џурнал“.

И покрај тоа што западните медиуми објавија дека авионот бил соборен за време на масовниот руски напад со ракети и дронови, од Украина пристигнуваат информации дека борбениот авион бил погоден од украинскиот противвоздушен систем „Патриот“.