Само оној кој го посетил овој прекрасен предел од централниот дел на Македонија знае што значи среде лето да се искусат благодетите на бескрајните зелени шумски предели кои го красат и го облагородуваат со неповторлива и пријатна клима ова парче зелен рај.

Изборот на местата кои би ги посетиле со цел да изуживате дел од природните благодети и наповторливата убавина кои ги нуди овој крај е навистина неважен. Секое место, секое селце, секоја шума и поле имаат своја уникатна убавина и со себе носат единствени приказни.

Сепак, за разлика од веќе конвенционално востановениот избор на места при посета на овој волшебен предел (Бабино, Слепче, Слоештица и други попознати села), нашата off road тура ја насочивме кон оние помалку експонирани и афирмирани села и места кои некако неправедно се подзаборавени и запоставени.

Сместен во предел кој вришти од зеленило и шума, над демирхисарското село Журче, овој манастир, верувајте, ќе ве плени со својата местоположба, опкружување, како и со неговата одлична уреденост и организираност.Манастирската црква, посветена на Свети Атанасиј Александриски е изградена, а воедно и зографисана во првите децении на XVII век. Кон крајот на XIX век, конаците на манастирот се урнале во целост, па набргу потоа овој сакрален објект изгубил секаково значење за тамошните жители.

Станува збор за трикорабна црква со правоаголна основа. Отворениот трем пред влезот во нартексот е засводен со калота на која се наоѓаат најинтересните фрески на коишто се илустрирани портретите на словенските светители Јован Рилски и Јован Осоговски, како и илустрациите на календарските месеци со прикази на најкарактеристичните дејства во секој од месеците.

Манастирот си има своја вистинска мала сестрана економија, па таму можете да купите од медот кој се произведува, литературата, црковни предмети и други сувенири кои ќе ве потсетуваат на ова прекрасно парче духовен рај во кој духовното и световното се спојуваат на најубав можен начин.