Поранешниот македонски амбасадор во ОБСЕ, Арсим Зеколи, го обвини премиерот Зоран Заев за обид да ја зароби државата, а за неговата партија СДСМ предвидува дека ќе заврши како ДУИ, „партија базирана на партиски интереси, корупција и некомпетентност“.

„Владата сака да остави впечаток дека работи напорно. Се плашам дека, иако господинот Заев декларативно сака членство во НАТО и во ЕУ, тој во суштина се обидува да ја зароби државата. СДСМ ќе заврши како ДУИ, партија која е базирана на партиски интереси, корупција и некомпетентност. Како резултат на тоа, меѓународната заедница ќе создаде повеќе пречки на интегративната патека на државата“, изјави Зеколи во интервју за Независна балканска новинска агенција (ИБНА).

„СДСМ ја копира ДУИ, односно повеќе се фокусира на надворешните работи отколку на домашните работи. Двете партии, СДСМ и ДУИ, се обидуваат да го покријат недостигот од резултати со некое меѓународно постигнување, како што е решение на прашањето со името, членство во НАТО и преговори со ЕУ. Како резултат на тоа, ако преговорите пропаднат, тогаш тоа ќе ги демаскира неуспесите на Заев и на Ахмети на домашен план. Токму во тоа тие се разликуваат од Груевски, кој повеќе се фокусираше на домашните работи отколку на надворешните“, појаснува ексамбасадорот.

Зеколи е скептичен и околу разговорите за разликите за името меѓу Македонија и Грција.

„Би сакал да верувам дека сме блиску до конечното решение. Меѓутоа, фактот дека оваа влада, како и претходната, не е транспарентна, не придонесува за поткрепа на уверувањето дека сè се одвива според ветувањата дадени од премиерот Заев. Има многу празнини во начинот на кој Македонија му пристапува на ова прашање и никој не нуди објаснувања. Прво, не постои јасен консензус во коалицијата СДСМ-ДУИ, во самата СДСМ и во однос на опозицијата за евентуален договор за референдум. Ако има референдум, како тој ќе се одржи кога немаме Државна изборна комисија? Ако се оди на билатерален договор, министерот Коѕијас ја отфрла таквата можност, бидејќи договорот меѓу владите може да биде поништен во случај на промена на владите. Во меѓувреме, гледаме дека рејтинзите за СИРИЗА и на СДСМ се намалуваат. Конечно, усвојувањето на договорот во Парламентот може да не успее поради ригидните ставови на опозицијата во Скопје и во Атина“, вели бившиот амбасадор на Македонија во ОБСЕ, а денес политички аналитичар.