За 90 отсто Бугари, Македонија и Бугарија имаат заедничка историја

Деведесет проценти од Бугарите сметаат дека Бугарија и Македонија имаат заеднички историски корени и оти тоа треба да биде поддржано и заштитувано, покажува анкетата на истражувачкиот центар „Тренд“ од Софија направена во октомври. Само три процента не се согласуваат со тоа, а седум отсто немаат одговор.

На прашањето „Ја сметате ли за правилна одлуката на комунистичкиот режим за наложувањето на македонскиот јазик и идентитет во Пиринска Македонија во првите години на комунизмот“, само пет проценти одговориле потврдно, наспроти 53 отсто негативно, а 42 отсто не можат да проценат.

Политиката на Бугарија кон Македонија треба да е пријателска сметаат 83 проценти од анкетираните, пет отсто се за остра и дистанцирана политика, а 12 отсто не знаат каква.

Договорот за добрососедство за исклучително поволен го оценуваат 43 проценти Бугари, за повеќе добар отколку не 26 отсто, за ниту добар ниту лош 11 отсто, за повеќе лош отколку добар два отсто и за целосно лош еден отсто, а преостанатите или не чуле за него или немаат мислење.

Членството на Македонија во Европска унија го поддржуваат 68 проценти од Бугарите, 10 отсто се против и 22 отсто без став, а во однос на НАТО поддршка даваат 60 отсто, 12 отсто се против и 28 отсто не можат да оценат.

Бугарија треба да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ мислат 70 отсто од испитаниците, 14 отсто не се согласуваат, а 16 отсто немаат став.

Дури 91 процент мислат дека македонската држава треба официјално да ги гарантира и да ги заштити правата на тие што се изјаснуваат како Бугари во Македонија, два отсто се против тоа, а седум отсто не знаат.

Полустандардизираната анкета лице в лице е спроведена од 18 до 26 октомври на примерок од 1.005 возрасни испитаници. Нарачател е Андреј Ковачев, член на претседателството на Европски парламент и заменик-член на делегацијата во Заеднички парламентарен комитет ЕУ – Македонија.