За Софија историска посета, Македонија поделена го пречекува бугарскиот премиер

За разлика од Бугарија каде сите политички партии го поддржаа и за него гласаа во парламентот во Македонија владее поделеност за  Договорот за пријателство, добрососедство и соработка кој се очекува денеска денеска во Скопје да го потпишат премиерите  Зоран Заев и Бојко Борисов.

Премиерот Борисов, кој доаѓа во дводневна официјалана посета на Република Македонија на покана на премиерот Заев, предводи висока државна делегација на Република Бугарија. Тој ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата на Република Македонија. Предвидена е тет-а-тет средба на двајцата премиери, а потоа и средба на делегациите на владите на двете земји по што ќе се одржи церемонијата на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од страна на премиерите Заев и Борисов. По потпишувањето на договорот предвидени се изјави на двајцата премиери.

Како составен дел на оваа церемонија се и потпишувањата на меморандуми за соработка од страна на ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија.

Високата државна владина делегација на Република Бугарија ќе биде примена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Програмата на официјалната посета на претседателот на Владата на Република Бугарија на Република Македонија ќе финишира утре со заедничко чествување по повод националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје.  Премиерите Заев и Борисов заедно ќе положат венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Македонскиот премиер Заев  минатата недела презентирајќи го текстот на Договорот пред јавноста истакна дека Договорот за добрососедство со Бугарија е во согласност со националите интереси на Македонија, нуди огромни можности за соработка и го отвора патот кон ЕУ и НАТО. Најави дека ќе биде потпишан на македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на бугарски според Уставот на Република Бугарија и дека ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Владата.

– Во Бугарија имаме пријател и сосед со кој заеднички  ќе ги решаваме проблемите, и кој го поддржува приемот на Македонија во ЕУ и во НАТО без условување, рече Заев.

Бугарскиот премиер Борисов, пак, оцени дека со потпишувањето на Договорот ќе биде отворена нова страница во односите меѓу двете земји и ќе се востановат односи на искрено пријателство, базирани на европските вредности. Договорот, вели Борисов, и ги отвора на Македонија вратите кон НАТО и ЕУ.

Во Македонија опозициската ВМРО-ДПМНЕ викендов на седница на Централниот комитет одлучи дека нема да го поддржи Договорот во Парламентот бидејќи не е прифатена ниту една од нивните забелешки за сите спорни прашања, за кои сметаат дека можат да нанесат долгорочни штети по државните и националните интереси на Република Македонија и македонскиот народ, јазик и историја.

Наспроти македонската опозиција, бугарскиот Парламент, минатата недела едногласно со 206 гласови „за“ донесе Декларација со која го поддржа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија и изрази подготвеност да ги почне процедурите за негова ратификација во најкус рок по неговото потпишувањето.

Преку заедничко соопштение Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија го поздравија амбасадите на САД во Скопје и Софија и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

– Договорот ги потврдува блиските врски меѓу Македонија и Бугарија и ја демонстрира добрата волја од страна на двете држави да ја засилат меѓусебната соработка во интерес на своите граѓани. Таквиот ангажман претставува охрабрувачки пример за решавање на спорните прашања меѓу соседите и за зацврстување на политичката стабилност и засилување на економскиот развој на Западен Балкан. Ние ги поздравуваме Македонија и Бугарија за овој историски чекор насочен кон иднината, се наведува во заедничкото соопштение на амбасадите на САД во Скопје и во Софија.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Самуел Жбогар оцени дека Договорот за добросоедство со Бугарија е пример како две држави можат сами да решат проблем кој постоел многу години.  – Јас морам да го поздравам овој договор, затоа што мислам дека е договор кој ќе ги промени односите не само меѓу двете земји, туку и во регионот. Тоа е пример како две држави можат да го решат проблемот кој постоел многу години, и како можат да го отворат патот на соработка за во иднина, вели амбасадорот Жбогар.

Очекувани резултати од потпишувањето на Договорот се соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за региопнални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави.