Поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов, го оцени како „агресивен“ тонот од првите настапи во јавноста на победниците на неодамнешните избори во Македонија – Гордана Силјановска-Давкова на претседателските и Христијан Мицкоски на парламентарните.
„Полемиката ќе биде тешка, зошто деновиве прочитав многу работи од претседателката Силјановска и од нивниот премиер. Звучат доста агресивно, што сугерира дека навистина треба да одговориме достоинствено, убедливо, но цврсто“, рече Прванов во интервјуто за Бугареското национално радио (БНР) од Благоевград, каде што учествуваше на дебатата „за заедничките минато и иднина“ на двете држави.
„Идејата за нашата заедничка историја со РС Македонија мора да се исполни со вистинска содржина. Се надевам дека нашите пријатели и браќа од другата страна на границата, во Македонија, ќе го разберат тоа и ќе влезат во режим на дијалог и ќе се слушнат заемните аргументи. Но, негирањето е најлошиот пат во овој и во секој следен момент“ што доаѓа“, смета шефот на бугарската држава од 2002 до 2012 година.
„Потребна ни е дискусија затоа што тензијата продолжува да тлее и улогата на науката во таква средина како што е Југозападниот универзитет може да биде важна. Важно е да се разбере надвор од спорот што се води со Грција дека меѓу Софија и Скопје мора да има дијалог за прикажување на неколку клучни работи кои произлегуваат или се поврзани со договорот за пријателство од август 2017 година“, коментира Прванов.
Според него, има потреба да се дополни договорот, со анекс, „бидејќи тоа е убава декларација, слична на онаа што ја потпишаа Љубчо Георгиевски и Иван Костов во 90-тите“.
„Претпоставувам дека во РС Македонија сакаат да бидат членка на ЕУ како што се во НАТО, бидејќи ние ги поддржавме. А колку сакаат да ја прифатат заедничката историја е посебно прашање. Отстапката попрво може да биде таму. Мора да сме подготвени за коректна, пријателска и научно заснована полемика“, нагласува Прванов.