За медиуми во Бугарија, Делчев е „бугарски револуционер“, а Силјановска провоцирала опишувајќи го како македонски

Во медуми во Бугарија на револуционерот Гоце Делчев му се дава исклучиво бугарски предзнак, а тоа што претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, го опишува кукушанецот како македонски великан го оценуваат како обид за провоцирање на Бугарија.

Агенцијата БГНЕС уште во насловот известува дека „Бугарите во РС Македонија се поклонија пред споменот на Гоце Делчев – апостолот на македонските Бугари“, а во првата реченица од извештајот додава дека „Амбасадата на Бугарија во Скопје и претставници на Бугарите во РС Македонија му оддадоа почит на бугарскиот револуционер Гоце Делчев“.

За вебстраницата „Актуално“, пак, „звучи како обид за провокација на Бугарија“ објавата на Силјановска на Фејсбук за годишнината од загинувањето на Делчев.

„Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата ‘Св. Спас’.

Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи.

Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава.

Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина!“, порача македонската претседателка.