Двојните стандарди на српската дипломатија и држава кон Република Македонија најдобро се видоа вчера за време на посетата на турскиот претседател Ердоган на Србија за време на која се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.
И покрај тоа што Турција е една од земјите кои меѓу првите го признаа независно Косово а во телата на ОН и во другите меѓународни форуми постојано гласа за влез на екс српската покраина во меѓународните организации, Србија ја смета Турција за искрен пријател.
– Србија е искрен пријател на Турција, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на состанокот во Белград меѓу српската и турската делегација, на кој учествуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Вучиќ и Ердоган претходно, повеќе од еден час, имале тет-а-тет средба, за која српскиот претседател рекол дека е презадоволен.
На почетокот на состанокот со делегациите, Вучиќ на Ердоган му се обратил со зборовите „драг пријателе“ и му се заблагодарил што пристигна со бројна делегација.
– Србија е искрен пријател на Турција и колку и да изгледа необично за некого, така и ќе се однесуваме. Србија е независна и суверена држава и нашиот однос кон Турција никогаш нема да зависи од односот на другите земји кон неа, нагласи Вучиќ.
Во поздравното обраќање тој потсети дека Србија уште истата вечер кога се случи обидот за пуч во Турција минатата година застана на страната на легално избраните институции и ги поддржа демократски вредности на земјата.
– Тоа никаде и никогаш не сме го криеле. Имаме многу заеднички интереси во регионот, пред се мир и стабилност и тие се од суштинско значење. Затоа и водиме дијалог со Приштина, кој за нас воопшто не е лесен, истакна Вучиќ, додавајќи дека Србија никогаш не била фактор за нестабилност на Балканот.
Турција исто како и Македонија целосно ја признава независноста на Косово а официјална Анкара постојано во гласањето во УНЕСКО и други меѓународни организации секогаш гласа и лобира за влез на Косово.
Во случајот со Македонија гласањето на земјата за прием на Косово па дури и неутралноста се смета за непријателски акт поради што Србија пред два месеци го повлече целиот свој дипломатски персонал од Скопје а имаше и неколку непријателски изјави кон Скопје.
Минатата недела за време на посетата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на Белград српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ најавил дека Србија на меѓународно ниво наместо уставното име Република Македонија под кое не признава ќе ја користи референцата ФИРОМ од Обединетите Нации.