Лидерот на ВМРО-Народна и поранешен премиер Љупчо Георгиевски за бугарското Радио Фокус наведе три главни причини за огромниот изборен успех на неговата поранешна партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Нејзиниот сегашен импресивен изборен раст на овие избори е поделен на следниов начин: 40 проценти се должи на економските неуспеси на претходната влада, нерешавањето на правните проблеми и разочарувањето од непримањето во ЕУ. Останатите 60 отсто се делат еднакво на т.н. патриотско-национални позиции и на претставувањето на коалицискиот партнер ДУИ, имено дека албанската партија е таа што ја води Владата, што ја создаде сугестијата: Албанија се меша во работите на Македонија.
Вториот момент е Преспанскиот договор со Грција, кој го промени името на државата од Македонија во Северна Македонија, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потоа постојано ветуваше дека ќе дојде моментот кога државата ќе си го врати името Република Македонија.
И во трета голема причина се претвори ветото наметнато од Бугарија. Тоа предизвика земјата уште повеќе да се отвори кон Србија, а ВМРО-ДПМНЕ и другите две партии кои влегуваат во македонскиот парламент – Левица и ЗНАМ – се претставија како спасители на Македонија од лошата Бугарија“, коментира Георгиевски.