Поранешниот министер за економија од ДУИ, Крешник Бектеши, ги стави на исто рамниште комитите и борците на УЧК, оправдувајќи го користењето на униформи на терористичката организација што ја предизвика војната во Македонија во 2001 година во училишни приредби на Денот на албанското знаме.
„Во делот на прославите, театарот што се прави за годишнината на албанското знаме речиси во секое училиште каде што се учи на албански јазик има такви прослави. Во делот на оружјето што го имаат децата, иако е пластично, како чин можеби е погрешно поради пораката што се испраќа. Но, за униформите на УЧК мислам дека не е погрешно поради тоа што УЧК е дел во нашата држава. УЧК е формирана од граѓани на Република Македонија кои се бранеле и барале права во оваа држава. И добро е што тој конфликт заврши со мировен договор, со кој меѓуетничките поделби спласнаа“, изјави Бектеши во „Тема на денот“ на Сител ТВ.
На забелешката дека УЧК не е влезен во образовниот процес, ексминистерот со одговор: „Ни комитите не се во образовниот процес, но нам не ни пречи што ги слават“.
„Симболи важни за една етничка заедница во нашата држава треба да се почитуваат и од другата етничка заедница. Ние треба да ги почитуваме вредностите што се важни и како историја, и како чин од другата етничка заедница ако тие не влијаат негативно на друга етничка заедница“, додаде тој.