За Африм Гаши уставни измени се можни само со гаранции за културниот и јазичниот идентитет на Македонците

Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека спроведувањето на уставните измени е обврска и предизвик на новата влада. Тој во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека уставните измени ќе се спроведат кога ќе дојде време и под услови, во кои ќе се гарантираат културниот и јазичниот идентитет на Македонците. Ова го пренесува ТВ Шења на својот интернет-портал.

ТВ Шења пренесува: „Секако, наша обврска и предизвик е да ги спроведеме уставните измени, но нормално кога ќе дојде време, час поскоро. Уставните измени ќе се извршат под услови, во кои ќе се гарантира културниот, етничкиот и јазичниот идентитет пред се на Македонците, но и на сите граѓани на државата“.

На прашањето дали ќе притискаат за спроведување на уставните измени и дали ќе ја напуштат власта, ако не се случат, Гаши одговори дека политиката не ја гледа како условување и поставување такви услови, нагласувајќи дека треба да се постапува во интерес на граѓаните.

„Политиката е уметност на можното. Треба да се разговара што е можно, во кои рамки, ако е во интерес на граѓаните. Мора да се водиме од интересот на граѓаните, од интересот на државата и во рамките на тие принципи и критериуми сите заедно да се однесуваме.“ – нагласи Африм Гаши.

Првиот парламентарец Гаши е во Вашингтон на Парламентарниот самит на НАТО по повод 75-годишнината од основањето на НАТО. Тој во вчерашниот говор рече дека земјата се наоѓа во кревок регион, каде што има малигни влијанија и вети дека земјата ќе остане посветена на промовирање на регионалните политики за стабилност.