Започна проектот за воспоставување на граничниот премин Маркова нога – Лемос

Денеска во Лемос, Општина Преспа – Грција, во присуство на министрите за внатрешни работи на Македонија и Грција, Панче Тошковски и Теодорот Ливаниос, амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, претставници на локалните самоуправи, се одржа настанот „Гранична станица Преспанско Езеро: Воспоставување на граничен премин меѓу Грција и Македонија на областа Преспанско Езеро“.



Со тоа се означи започнување на БорПрес2 фазата на проектот кој на крај има за цел да воспостави нов граничен премин помеѓу Маркова Нога (Македонија) и Лемос (Грција) што ќе го намали времето на патување помеѓу Лемос и Ресен од повеќе од два часа на само 40 минути.

Во проектот вреден над 7.7 милиони евра, 80% финансиран преку ИПА 3 програмата на Европската Унија се планирани реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страна на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на еко-туризмот. Партнери во проектот се министерствата за внатрешни работи на Македонија и Грција, регионот Западна Македонија во Грција и општините Ресен и Преспа.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на настанот на кој беше презентиран целиот проект истакна дека ова не е само почеток на инфраструктурен проект, туку реализација на заедничка визија – визија вкоренета во регионалната соработка, европската интеграција и трајното партнерство меѓу нашите две држави.

„Денес го одбележуваме почетокот на проектот БорПрес2 и се поставуваат темелите за идното отворање на граничниот премин Маркова Нога / Лемос.Со текот на годините, односот меѓу нашите земји стана посилен – врз основа на меѓусебно почитување, практична соработка и продлабочено чувство за заедничка судбина. Овој нов граничен премин е моќен израз на тој однос. Тоа е конкретна демонстрација на политичка волја, техничка способност и нашето заедничко разбирање дека во денешна Европа, границите треба да поврзуваат, а не да разделуваат.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски образложи дека овој напредок не би бил можен без непоколебливата поддршка од Европската Унија преку инструментот за пристапна помош – ИПА и Програмата за прекуграничната соработка кои го овозможија потребното финансирање, техничка експертиза и можноста да црпиме сила од колективната европска цел во која поврзаноста, соработка и интеграцијата се витални столбови на мирот и просперитетот.

„Силата на Европа лежи во нејзиното единство и во мостовите што ги градиме преку границите – а не во ѕидовите што ги подигаме меѓу нас. Преку проектот БорПрес2, ја претвораме таа цел во практично, мерливо влијание. Овој проект е доказ дека европската интеграција не е далечна аспирација – тоа е жив процес, вкоренет во опипливи резултати: подобри патишта, безбедни граници и подобрен квалитет на живот за граѓаните на кои им служиме.“, финално потенцираше министерот Тошковски.

Проектот започна на 14 февруари 2025 година и е планирано да трае 36 месеци, со завршување на 13 февруари 2028 година.

Министерот Тошковски оствари и билатерална средба со министерот Теодорот Ливаниос на која се разговараше за меѓусебната соработка, можно решение за побрз проток на патници и стоки на граничниот премин Богородица – Евзони. Министрите изразија посветеност на понатамошното градење мостови на соработка кои ќе ги поврзуваат луѓето, нациите и економската и културна соработка.