Неславен почеток на претседавањето на Бугарија со Совет на Европска унија синоќа – запалено знаме на ЕУ и илјадници луѓе на протести на 11 локации во Софија.
За церемонијата во бугарскиот главен град, со која Бугарија во првите шест месеци од годинава првпат застана на чело на ЕУ десет години откако стана членка, се собра врвот на Унијата, на чело со претседателите на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, на Советот, Доналд Туск, како и на Европски парламент, Антонио Тајани.
„Овие протести не се симбол на идна политичка акција, но тие ни кажуваат нешто важно – целата политичка елита не си ја врши својата работа со години“, изјави поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.
Георге Пајков, член на Извршен комитет на „Млада независност“ и студент на право на универзитетот во Портсмут, ги поддржа протестите.
„ЕУ не е заинтересирана ни за Бугарија, ни за која и да е друга земја од Источна Европа. Проблемите што беше важно да се решат не се и мило ми е што слушам дека се кренаа против експанзионистичката и фанатична Унија. Јас и многу други Бугари што живеат во Велика Британија се надеваме дека Бугарија еден ден ќе излезе од ЕУ и ќе ѝ се придружи на Велика Британија во возбудлива нова, независна иднина. Време е Бугарија да се ослободи од потчинетата улога“, изјави тој за британскиот весник „Експрес“.
Лилјана Павлова, министерка за претседавањето на Бугарија со ЕУ, изрази жалење за протестите.
„Лично, претпочитам да не го почневме претседавањето со протести, каква и да е нивната цел. Едноставно, сите меѓународни медиуми се тука за да ја видат Бугарија“, изјави таа.
Синдикатот на вработените во Министерство за внатрешни работи соопшти дека планира да ги пречека автомобилите на гостите од ЕУ со транспаренти, барајќи со месеци зголемување на платите на полицајците за 15 проценти.
Некои групи протестираа во одбрана на ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жените и домашното насилство, други протестираа против насилството базирано на половата припадност, трети против намерата на Владата за проширување на скијачкиот центар Банско и изградба на втора жичница со кабини. Протестираа и пензионери, од кои жена носеше транспарент со пораката „Како да живеам со 85 евра месечно?“, други носеа знамиња на Русија итн.
Покрај знамиња на ЕУ, гореа и знамиња на НАТО, со порака од тие што ги запалија: „НАТО надвор – Бугарија зона на мирот“.