Западот и Русија во битка за балканските енергетски коридори

Западните земји и Русија се во битка за контрола на коридорите за транспорт на природен гас преку Балканот и затоа двете страни ја наметнуваат својата геополитичка агенда во регионот постојано погоден од кризи.

Ова го тврди во своја анализа француската агенција АФП која вели дека Москва доживеала сериозна криза со влезот на Црна Гора во НАТО и со изборот на нова влада во Македонија која се дистанцира од соработка со Русија.

Двете страни имаат „моркови“ за балканските земји, пред се Македонија и Србија низ кои што треба да минуваат коридорите за гас. Западот може да вети влез во НАТО и ЕУ а Русија ефтини енергенси. Москва во моментов ја снабдува една третина од Европа со гас а во ЕУ овој процент е една четвртина.

Балканот е исто така заинтересиран за ефтин гас од Русија затоа што меѓу другото, ЕУ инсистира да се затворат старите термоцентрали на јаглен поради еколошки причини.

„Во Србија, Босна, Македонија и Бугарија, Русија се обидува да ја претвори зависноста од гас во политичка зависност и да ја спречи интеграцијата во ЕУ и НАТО“, вели за АФП Тимоти Лес шеф на консултантската група „Нова Европа“ кој во Македонија е познат по неговата анализа дека западниот дел од земјата треба да стане дел од Голема Албанија.

Во моментов според анализата Русија нема доволно силна инфраструктура за да ги спроведе своите планови кои што се загрозени од плановите на западот кој промовира други енергетски проекти како ТАП, со што се засилува геостратешката важност на регионот.

„Балканот лежи на крстосницата на енергетските коридори кои ги поврзуваат истокот и западот, вели Паскал Мило екс министер за надворешни работи на Албанија  кој е уверен дека западот за Балканот не се интересира поради економски причини, туку пред се поради гоестратегиски и енергетски мотиви.

Според аналитичарите западот мора да одговори на Москва со нови проекти за да ја спречи пенетрацијата на Русија во регионот и засега таа битка ја добива со најава на проектите ТАП кој ќе носи гас од Азербејџан кон Италија преку Грција и Албанија а паралелно се планираат и терминали за течен гас на островот Крк во Хрватска.

Паралелно ЕУ ја поддржува иницијатива за Јоснко – Јадранскиот гасовод кој преку Аалбанија ќе носи гас преку Црна Гора во Босна и Хрватска.

На руска страна Москва лани во октомври потпиша договор со Турција и веднаш почна да поставува цевки на дното на Црното Море. Српскиот претседател Вучиќ најави дека сака да биде дел од овој проект со име „Турски тек“ кој засега се соочува не само со политички туку и со сериозни технички проблеми.