Комисијата за европски прашања не ги прифати ни амандманите на СДСМ кои имаа за цел унапредување на јазиците на другите малцински заедници во новиот Предлог-закон за употреба на јазиците.
Текстот на законот, без евентуална „поправка“ со ниеден од предложените 90 амандмани од БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ќе оди директно на гласање на пленарна седница во Собрание, откако синоќа пред полноќ заврши амандманската „расправа“.
Седницата на Комисијата почна во понеделникот и во рок од три дена требаше да ја заврши расправата, но тоа не се случи поради двете одложувања.
Тоа послужи како аргумент дека не се водел претрес за поднесените амандмани затоа што истекол рокот од најмногу три работни дена, како што било предвидено со Деловникот, соопштиле од Комисијата со која претседава пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
За Законот за јазици, беа поднесени 90 амандмани – 84 од ВМРО-ДПМНЕ, четири од СДСМ и два од БЕСА.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА и вчера ја бојкотираа седницата.
Артан Груби неодамна изјави дека Законот ќе биде дионесен најдоцна до јануари.
На последната посета на Скопје, еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека Законот за јазици не е меѓу условите за позитивна препорака за Македонија од Европската комисија.