Ако не престане да реагира против изградбата на 17-катницата кај Воената болница во Скопје тогаш ќерката ќе и биде силувана, е заканата што советничка во општина Карпош, членка на Иницијативата О2 ја добила неодамна. Ова денеска го обелодени Татјана Чакулев која денеска ја промовираше платформата преку која граѓаните ќе може да пријавуваат корупција во урбанизмот.
„Се случија закани. Една од нашите членки доби телефонска закана и ѝ беше кажано да престане да реагира, затоа што ќе и ја силуваат ќерката. Заканите беа пријавени во полиција, но нема исход. Името на кое е регистриран бројот е непостоечко и не може да се открие кое лице било зад заканите“, кажа Чакулев на промоцијата.
О2 Иницијативата жестоко се бори против урбаната мафија. Оттаму преку советниците што ги имаат во Советот на општина Карпош жестоко се спротивставуваат и на изгрдбата на висококатницата во скопски карпош веднаш зад поликлиника Букурешт во близнина на Воената болница кое е прогласена за заштитено подрачје.
Од Иницијативата поднеле претставка до Министерството за транспорт и врски, барајќи министерот Александар Николоски да го поништи градежниот проект. Организацијата исто така најави дека ќе продолжи со своите активности, освен ако не се постигнат задоволителни резултати.
Поврзаности или нерегуларности меѓу институции, инвеститори, планерски куќи, градоначалници, советници, членови на комисии кои одлучуваат за ДУП-ови… Целата можна коруптивна спрега во урбанистичкото планирање отсега ќе можат полесно да ја дознаат, препознаат, но и да реагираат и самите граѓани преку нова Плаформа на „О2 Иницијатива“.
Претставничките на оваа еко-организација денеска ја презентираа Платформата за борба против корупцијата во процесот на донесувањето на урбанистички планови и закони во Собранието, со што, велат тие, на граѓаните им се даваат дополнителни знаења и алатки како и кому да се обратат.
„Со нашето долгогодишно искуство, сфативме дека е клучно што повеќе граѓани активно да се вклучат, за пријавување до надлежните институции кога ќе се уочат нерегуларности, за поднесување жалби онаму каде е потребно. Исто така, граѓаните да знаат да ги прочитаат основни работи во урбанистичките планови, бидејќи не е потребно да се знае се’, меѓутоа е важно секој граѓани да знае што е планирано, какви згради, од каква висина, трговски или индустриски објекти… Гледавме тоа да биде претставено на едноставен начин, преку едукативни видеа или инфографици. Исто и на носењето на законите, кои се документите, начините, инстанците, кои се потенцијалните ризици за корупција, за и самите да ги следат процесите“, потенцираше Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.
Направени се и анализа на случаи за да видат граѓаните како се одвива евентуална корупција во урбанистичкото планирање, колку чинители се поврзани, дека е тоа „цел круг“.
„Тука имаме конкретен случај, а тоа е случајот со добивањето на Одобрението за градење на т.н. 17-катница во Карпош. Таа е во заштитното подрачје на зградата-споменик Воена болница (сегашна ГОБ ‘8 Септември’), а Одобрението е добиено врз основа на незаконско позитивно конзерваторско мислење. Општината не сака да го поништи Одобрението“, потсети Чакулев.