Заев: Цар Самуил не се кажувал ни Македонец ни Бугарин, туку син на Господ!

Одговарајќи на прашањето дали македонската историја во последните 60-70 години е вештачки менувана, а во контекст на дебатата за заедничка историја со Бугарија, македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за бугарската телевизија БТВ го спомна и царот Самуил.

„Македонскиот народ си има своја историја низ вековите наназад и, апсолутно, правото на определба на секој народ е демократско, универзално право“, рече Заев и додаде: „Верувам дека секој историчар си ја толкува историјата и тоа е вечна дебата. Јас го кажувам примерот со цар Самуил. Кога го прашале ‘Што сте Вие’ во времето кога живеел, тој не се кажал дали е Македонец или е Бугарин, туку се кажувал дека е син на Господ!“.

Исус Христос се најде во уште една историска лекција од Заев, овој пат како одговор на критиките од ВМРО-ДПМНЕ за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

„Во моментов, исправени пред судовите, кога треба да се донесе одлука, ако го прашате Груевски што сака, и тој не знае што сака. Договорот за добрососедство со Бугарија 90 отсто беше направен од Груевски и неговата власт. Јас ја имав честа на крајот само да ја донесам храбрата одлука заедно со премиерот на Бугарија, со кој сме лидери и мислиме на иднината на двете земји. Тука беше застанат договорот: дали имаме или не заедничка историја. Светот има заедничка историја. Исус Христос чија историја е?“, праша претседателот на македонската Влада.