Заев и ЕУ со спротивни позиции за Охридскиот договор

Премиерот Заев и Европската Унија имаат дијаметрално спротивни позиции за статусот на Охридскиот рамковен договор со кој што пред 16 години заврши конфликтот меѓу Македонците и Албанците.

„Со законот за унапредувањето на употребата на јазиците, кој веќе е во собраниска процедура, формално правно се затвораат прашањата од Охридскиот договор“, вели премиерот во изјава за порталот post.mk.

Наспроти него според Европската Комисија потребно е итно, транспарентно и сеопфатно да се спроведе Охридскиот договор, со кој се стави крај на вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година.

„Европската унија потсетува на важноста за одржување добри меѓуетнички односи и нагласува дека разгледувањето на спроведувањето на Рамковниот договор треба да заврши на сеопфатен и транспарентен начин, почитувајќи и спроведувајќи ги неговите препораки“, изјавила за порталот medial.mk портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Во изјавата на ЕК не се прецизира што освен законот за јазици треба да се спроведе за да се добие сеопфатно имплементирање на Охридскиот договор.

Спротивставени ставови за целосно спроведување на договорот имаат и експертите.

Дел од нив сметааат дека со спроведување на параграфите завршуваат сите обврски на македонската држава кон договорот а албанските партии и експерти бараат договорот да не се толкува само како документ туку како основа за промена на односот на мнозинството кон малцинството со над 20 % од населението во Македонија.