Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за „Винер цајтунг“ изјави дека Македонија е таа што ја провоцирала Грција, додавајќи дека го сфаќа нејзиното неприфаќање на името на соседот поради својата истоимена провинција.
„Долги години Македонија ја провоцираше Грција. Подигнувани се историски споменици, аеродромот е именуван по Александар Велики. Ние сега го запревме тоа. Затоа што сакаме пријателски односи со Грција. Имаме заедничка историја и таа треба да нè поврзува, а не да нè раздвојува. Исто така, во интерес на Грција би било да се најде решение барем за еден проблем. Земјата мора да ги надмине проблемите со поделениот Кипар и со Албанија, наспроти нејзините финансиски тешкотии“, изјави Заев за австрискиот дневен весник.
„Свесни сме дека Грција има истоимена провинција и затоа не го прифаќа името Република Македонија. Но, сите знаеме дека никој нема да ја окупира таа област на соседот. Најмногу ги окупираме прекрасните грчки плажи: Секоја година еден милион Македонци одат таму. Обратно, многу грчки инвеститори доаѓаат во Македонија. Во Атина постои и левичарска влада, која не е националистичка. Се надеваме на решение во наредните шест месеци“, додаде тој.
Прашан дали може да остане привременото име Поранешна Југословенска Република Македонија, Заев со одговор: „Сакаме да го замениме сегашното меѓународно име, референцата ФИРОМ, во сите меѓународни организации за да можат Грција, но и Македонија да живеат со него. Роден сум како Македонец, па и татко ми и дедо ми. За тоа не може да се преговара. Никој не може да ги промени моите чувства и тие на моите сонародници“.