По предупредувањето од Русија, Заев го бранат од – Војводина

Ненад Чанак, претседател на Лига на социјалдемократи на Војводина, ги осуди „заканите и притисоците што руската дипломатија ѝ ги испраќа на Македонија“, истовремено давајќи му поддршка на македонскиот премиер Зоран Заев.

Својот колега по идеологија Чанак го поддржува, како што вели, „за напорите што ги вложува во изградбата на демократско и граѓанско општество“, давајќи и „силна поддршка“ за надворешнополитичката ориентација на новата македонска Влада, која „вложува големи напори со цел постигнување мир со сите свои соседи“.


„Од посебно значење се преговорите за името на Македонија, кое би им било прифатливо на сите нејзини соседи“, нагласува пратеникот во српскиот парламент.

Според Чанак, забрзаниот процес на евроатлантските интеграции и повикот за влез во НАТО се од клучна важност за стабилизацијата на состојбите во Македонија и за постигнување демократски и развиен Балкан.

„Поради тоа, сите притисоци од Русија или од некоја друга земја, кои водат кон заострување на односите или кон дестабилизација на состојбите во регионот, директена атака против интересите на општествата и на секој поединец во југоисточна Европа“, оцени претседателот на Собранието на Војводина од 2000 до 2004 година.