Грција нема побарано преименување на скопскиот аеродром „Александар Велики“, ниту отстранување на неговиот споменик во центарот на градот, како знак на добра волја од македонска страна, соопшти премиерот Зоран Заев во интервју за словенечки „Вечер“.
„Во досегашните билатерални разговори грчката страна не изрази таков вид барања. Тоа за што зборувате е тема на јавна дебата во Македонија, во која некои оценуваат дека такви потези би можеле да придонесат за позитивни поместувања со Грција. Јас сум отворен за предлози и она што ќе биде потребно ќе стане јасно кога ќе влеземе во процесот на преговори. Немам никакви задршки да зборуваме за сè што ги оптоварува меѓусебните односи, бидејќи само така можат да се надминат проблемите. Би сакал да кажам дека од македонска страна во решавањето на спорот е вклучен целиот државен врв, од шефот на државата, преку Владата до Парламентот. Ова е прашање од национален интерес и, со конструктивен пристап, верувам дека во наредните месеци ќе успееме да направиме исчекор и да станеме 30. членка на НАТО и да добиеме датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ“, изјави Заев.