Заев во Софија со тешка задача по двете провокации од Бугарија

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Софија ќе има тешка задача да оствари сериозен напредок во односите со источниот сосед доколку биде приморан да проговори отворено за спорните прашања меѓу двете земји.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов кој што навидум е пријателски настроен за подобрување на односите со Македонија по заминувањето на ВМРО – ДПМНЕ од власт под политички притисок тешко може да се откаже од своите и бугарски ставови за спорните теми меѓу двете земји.

Во Софија Заев ќе биде дочекан од влада во која што министер за одбрана е Красимир Каракачанов лидер на партијата ВМРО – БНД која што не ја признава македонската нација и тврди дека Македонците се Бугари а непријателски коментари и провокации може да се очекуваат и од другите политички партии во владата и опозицијата кои што македонскиот народ го сметаат за ист со Бугарскиот.

Во обид да ги смири тензиите пред посетата на Софија кабинетот на премиерот Заев вчера не ја коментираше неговата средба со двајца бугарски претставници кои што работат на негирање на македонското национално малцинство во Албанија и Бугарија а која се случила пред три дена. (читај овде за средбата во Скопје).

Самата средба на која што бил присутен и владиката Наум не е толку спорна како што е спорна мисијата на бугарскиот бизнисмен и филантроп  Д-р Милен Врабевски и бугарскиот Европратеник д-р Андреј Ковачев кои систематски до употреба на пропаганда, финансии од бугарската држава и пасоши издадени од Софија се обидуваат Македонците во Албанија да ги прикажат како Бугари.

За жал кабинетот на Заев вчера не ги коментираше информациите кои што дојдоа од приврзаници на Врабевски и Ковачев кои што се пофалија на интернет за средбата која што според нив била многу корисна и плодна.

Заев во Софија патува и со уште едно тешко бреме, ставот на неговиот бугарски колега и домаќин Бојко Борисов, кој што во интервју за мкд.мк порача дека за Македонија критична тема покрај прашањето за името е и потпишувањето на договорот за добрососедство.

Во овој договор за кој Македонија и Бугарија интензиво преговараа неколку години има неколку теми кои што се спорни, пред се статусот на македонското малцинство, признавањето на бугарско национално малцинство во Македонија и начинот на кој што треба да се одбележуваат деловите од заедничката историја на двете земји.

Досегашните напори за создавање на клима за подобрување на односите со Бугарија во кои беа вклучени и Академиите за науки и уметности на двете земји не вродија со плод и ќе биде потребна голема умешност и трпение за некаков напредок со соседите кои што 27 години од независност сеуште не можат да ја прифатат реалноста на постоење на македонска нација независна од бугарската.

Бугарија е првата држава која што ја призна независна Република Македонија.