Македонската машка ракометна репрезентација загуби по втор пат во групна фаза од втор круг на ЕП. Вечерва во Вараждин од нас подобар беше тимот на Чешка со 25-24, и тоа откако водевме со пет гола разлика на средина од вториот дел, а по истекот на 60. минута Дејан Манасков промаши пенал што ќе ни донесеше реми и ќе ни оставеше теорија со победа утре против Данска да дојдеме до полуфиналето или барем до борба за петтото место.
Чуден натпревар, во кој ние бевме без Кире Лазаров, кој шутираше само пенали, но и тој по два дадени промаши еден во финишот, кога ние, едноставно, запревме и не успеавме да ја сочуваме тешко стекнатата предност. Борко Ристовски низ целата средба бранеше феноменално, Филип Талески имаше одлични шутеви и три погодоци во серија во почетокот на вториот дел, но потоа Кашпарек го разби нашиот голман, а бекот беше запрен и не доби поддршка од соиграчите.
Клучниот период за поразот беше во последните 11 минути, кога дозволивме негативна низа од 6-2, а веќе соопштивме како ја пропуштивме шансата за реми.
Ристовски заврши со 12 одбрани, Талески даде 5 гола, а во чешкиот тим Хорак имаше 8, а Кашпарек шест.