Загрижувачки податоци: До 25.000 луѓе годишно ја напуштаат Македонија

Црвениот аларм за државата одамна е веќе вклучен за високиот број на работоспособно население кое се сели од земјава, велат економисти кои очекуваат итна реакција преку краткорочна и долгорочна стратегија, пред да биде доцна за економијата и животниот стандард на населението кое останува во земјава, објави ПлусИнфо. Дел од нив посочуваат и на податоци за тоа колку е алармантна состојбата, но сите се согласни дека лошо ѝ се пишува на земјава бидејќи веќе заминуваат цели семејства. Според нив, новата влада која треба да стапи на функција месецов има огромен товар кој треба да го решава многу брзо.

Посебно е загрижувачки, велат експертите, тоа што се иселуваат млади кои ги формираат своите семејства надвор од земјава, што се гледа и од податоците за наталитетот и старосната структура на населението. Во меѓувреме, земјата се празни и со агресивното дејствување на земјите кои се соочуваат со проблеми со работна сила, а се далеку појаки економии од нашата. Тие ги олеснуваат условите за обезбедување на работници и регрутираат кадар меѓу незадоволните граѓани во земјава.

Економистот Маријан Николов вели дека ако не се преземат мерки за ублажување на состојбата со увоз на работници може да се очекуваме натамошно стагнирање на економијата и сѐ поголеми проблеми во обезбедување пари за нормално функционирање на државата.

  • Факт е дека иселувањето не стивнува, а последните години сме сведоци дека на работа во странство не оди само еден или двајца членови од семејството, туку цело семејство што значи дека овие луѓе не планираат да се вратат. На другата страна имаме намален наталитет, помал број на деца во училиштата, демографска структура што не ветува понуда на работна сила која е потребна на компаниите кои не можат да го планираат развојот. Состојбата со години се продлабочува, а ако не се преземат мерки може да се доведат во прашање и функциите на државата во чија каса нема да се собираат доволно средства за да се сервисираат социјалните потреби на граѓаните. Со еден збор нема да може да се смета на економски раст и нормално функционирање на државата, а животот во земјава ќе станува потежок – вели Николов.

Решение на проблемот, вели тој, е во поголем ангажман на државата за негово решавање.

  • Проблемот се наталожувал со години и нема брзо решение, но може да се направат напори за негово ублажување, а со тек на време и подобрување. За тоа е потребен договор и стратегија која ќе се реализира. Во овој период е потребно да се работи на подобрување на политиките за да се овозможи подобри услови за работа и живеење, да се намали иселувањето и да се почне процес на враќање на оние што заминале од земјата. Ќе треба да се увезе и работна сила за да можат компаниите да работат. И тука ќе треба да се обезбедат услови тие луѓе да се задржат подолг период и да не заминат уште првите месеци во некоја од посилните економии кои исто така бараат работна сила и нудат поволности. Првите примери за вакви случки веќе се видливи со работниците кои дојдоа во македонски компании и без никакви образложенија си заминаа од земјава – вели тој.

Во третиот квартал (јули-септември) 2017 година во Македонија имало 954.814 работоспособни и активни лица, додека во третиот квартал (јули-септември) во 2022 година таа бројка се намалила на 808.328 лица, или речиси 150.000 лица помалку (во овој период има речиси ист број на пензионери), што значи овие лица се вработиле во сивата економија или заминале од земјава.

Се претпоставува дека 90% од овие лица се иселиле од државава или годишно во просек се иселиле по речиси 25.000 луѓе. Во овие бројки не се сметаат иселените деца и пензионери, па заедно со нив бројот е сигурно многу поголем. Повеќе на ПлусИнфо.мк.