Само три дена пред почетокот на Европското првенство за ракометари во Хрватска, македонската репрезентација се соочува со неочекуван проблем, бидејќи неизвесно е дали ќе игра во загрепска „Арена“.
Компанијата „Ингра“, која ја градеше арената, се подготвува да ги затвори вратите на најголемата спортска сала во Хрватска поради нерасчистени сметки со Загрепски холдинг, кој не го плаќал закупот на објектот.
„Ќе испратиме писмо до Хрватски ракометен сојуз утре изутрина, информирајќи го дека ЕП, за жал, нема да се одржи во арена ‘Загреб’ ако Градот о Владата не си ги подмират обврските“, изјави извршниот шеф за операции во „Ингра“, Игор Опенхајм.
Од „Ингра“ тврдат дека Загреб со месеци одолжува со исплатата на долгувањата, како и дека постои долг од 1,4 милиони куни (околу 190.000 евра) настанат по Светското првенство 2009, кој сè уште не е платен. Според договорот, Загреб и Владата на Хрватска преку холдингот требале да плажаат закуп, но компанијата што ја градеше салата тврди дека договорот не е испочитуван.
Проблемот го зголемува информацијата од организаторот дека целиот долен сектор во „Арена“ е распродаден, а најголем број навивачи се очекуваат од Словенија.
Токму Словенците се првиот противник на избраниците на селекторот Раул Гонзалес на стартот од групата Ц в сабота од 19:30 часот. Групата ја сочинуваат уште Германија и Црна Гора, а во истата сала ќе се игра и завршницата на шампионатот што ќе се одржи од 12 до 28 јануари.