Во последното предупредување на страна на УЕФА се нотирани забелешките што можат да бидат пречка за одржување на мечот од Супер купот на 8. август во Скопје. Средбата на победникот од Лигата на шампионите Реал Мадрид и славеникот во Лига Европа Манчестер Јунајтед ќе се одржи на Телеком арената, но само ако се исправат недостатоците кои ги констатирала последната контрола. Обврските се за владата на РМ и за ФФМ кои и немаат најдобра комуникација, па писмото со забелешки, според генералниот секретар Драган Рашковски, патувало седум дена меѓу двете институции иако тие се оддалечени 4 километри.
Еве ги забелешките на УЕФА:
-Клима уредите на стадионот не се поврзани со УПС системот
-Не е јасна комуникацијата меѓу персоналот на стадионот и добавувачот на струја
-Нема инсталирано електрична енергија во делот за телевизиите
-Нема инсталирано вентилација во салата за прес-конференции
-Нема поставено 50 телевизори од 50 инчи во различни делови од стадионот
-Дел од опремата за Ви-Фи не е инсталирана
-Не е поставена подлога од бетон за камионите за ТВ продукциите
-Не е комплетиран делот за работа на фотографите
-Не е јасно дефиниран оперативен план за евакуација на стадионот
Сите овие обврски ќе треба да бидат завршени до следната и последна контрола на УЕФА на 21. јули. Во случај на неисполнување на задачите може да дојде под знак прашање одржување во Скопје на дуелот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.