„Сега ДУИ го враќа одржувањето протести против владата како можност, но во повнимателна форма. Таа сака прво да ги опипа пулсот на своето членство и степенот на револт, дали има расположение за протест, или не. Партијата на Али Ахмети ги анализира своите капацитети да организира протести и капацитетите на Европскиот фронт како коалиција. По заминувањето на ДПА и Мендух Тачи постои неизвесност дека овој чекор може да го следат и другите мали партии во Европскиот фронт.“ – нагласува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „ДУИ не се откажува од протестите се уште, само го анализира моментот и капацитетите на Фронтот!“. Инаку, „Журнал“ со своите ставови и уредувачка ориентација е блиска до некои челници на сегашната коалиција Вреди, кои порано беа дел од така наречената „Огнена група“ – внатрешно-фракционерска група на незадоволници во ДУИ, неофицијално предводена од поранешниот потпретседател на ДУИ Изет Меџити, кој е сегашен вицепремиер и лидер на Демократското движење, како дел на коалицијата Вреди
Покрај другото, во својата редакциска анализа „Журнал“ истакнува: Полека минува и овој октомври, а се уште не се започнати протестите, кои ДУИ ги најави за овие есенски месеци . Протестите се најавуваа како знак на револт против „газењето на етничкиот легитимитет“, односно против „еднонационалната влада“ – формулација што албанската опозиција ја користи за сегашното парламентарно мнозинство, обвинувајќи го дека не ги одразува изборните резултати и политичката реалност на земјата. Есента минува, минаа и првите 100 дена на владата, а нема се уште ниту од ДУИ, ниту од Европскиот фронт, точен датум кога ќе почнат протестите. Нема ниту точен датум кога ќе почнат средбите со граѓаните, кои се најавени исто така. Каде подзастанува работата?
Европскиот фронт на чело со ДУИ имаше многу агресивни ставови по формирањето на владата и вклучувањето на коалицијата Вреди во неа како претставници на Албанците. Првично се најавуваа протести, а потоа уследи чекор уште подалеку, барајќи помош од американскиот професор Пол Вилијамс, за да се отвори темата за регионализација или конфедерализацијата според моделите на Северна Ирска, или Белгија. Со текот на времето не само што не се зголеми агресивноста, туку во многу случаи имаше и воздржаност, како што беше поддршката за некои владини предлози. Вилијамс се заборави целосно. Протестите, кантонизацијата и регионализацијата се тргнаа од дневниот ред. Но, сега работите се стабилизираа и владата ги надмина првичните меѓуетнички предизвици и најверојатно ќе продолжи со истиот состав како што беше формирана во јуни годинава.
Сега ДУИ го враќа одржувањето протести против владата како можност, но во повнимателна форма. ДУИ сака прво да го опипа пулсот на своето членство и степенот на револт, дали има расположение за протест, или не. Партијата на Али Ахмети ги анализира своите капацитети да организира протести и капацитетите на Европскиот фронт како коалиција. По заминувањето на ДПА и Мендух Тачи постои неизвесност дека овој чекор може да го следат и другите мали партии во Европскиот фронт.
Кружат информации и шпекулации дека турските пратеници, ромската партија на Фатма Османовска и Курто Дудуш ги немало на последниот состанок на Европскиот Фронт, како што отсуствуваже и ДПА, па која потоа малку подоцна јавно си замина. Во меѓувреме крилото на Зијадин Села во Алијансата за Албанците соопшти нема намера да го напушти Европскиот фронт. Сево ова се детали, кои треба да се анализираат, за да се процени со какви капацитети ќе се излезе на протести и каква стратегија ќе се избере. Темите и причините, врз кои ќе се заснова повикот за протести, ги спомена генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети на денот кога „ги набројуваше неуспесите на владата“.