Ракометарките на ЖРК Вардар го победија Будуќност во Подгорица со 30-25 и на прекрасен начин го заокружија и овој дел од сезоната во Лигата на шампионките. Во мечот од последното 6. коло во овој групен сегмент во Морача се беше без резултатско значење, но за балкански престиж. Скопјанки водеа со 15-12 на полувреме и практично цело време беа во предност, а мечот кај големиот ривал го решија во финишот на првите 30 минути кога направија 4-0 за да се одлепат и нови 4-1 брзо во вториот дел откако Црногорките се заканија и изедначија. Се пред и по тој споменат миг јасно укажуваше на наш подобар квалитет што не можеше и никако поинаку да заврши освен со нов 11 триумф во сезоната.

ЖРК Вардар по триумфот кај Будуќност од 30-25 го освои првото место во групата Б со 18 од можните 20 бодови и како прв во четвртфиналето ќе се сретне со Митјиланд кој го победи во директен двобој Никобинг и заврши како четврти во првата група. Позната е уште една двојка. Будуќност–Ѓер, а другите две ќе бидат составени утре по средбите на Ференцварош и Мец кои ќе се борат за втората позиција во нашиот состав.

Четвртфиналето од ЛШ во кое ЖРК Вардар игра со Митјиланд е на програмата во велигденскиот и во викендот потоа, значи меѓу 6 и 15 април.