Живеачката во јануари пак поскапела, на што одат најмногу парите?!

Живеачката во јануари 2025, во однос на јануари 2024 година, бележи зголемување од 4.9%, а индексот на цените на мало раст од 5.2%, соопшти Државниот завод за статистика. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, изнесува 0.2%. Во однос на декември лани, пак, трошоците за живот се поголеми за 0,2 отсто а кај цените на мало има намалување за 0,4 отсто.

Како што информираат од ДЗС, зголемување на цените споредено со декември има речиси кај сите производи и услуги. Храната и безалкохолните пијалаци минатиот месец биле поскапи за 0,1 отсто, а за исто толку поскапеле и алкохолните пијалоци и тутунот.

Поскапа за 0,1 отсто е и рекреацијата и културата, а рестораните и хотелите се со повисоки цени за 0,7 отсто. За мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата во јануари се плаќало 1,5 отсто повеќе отколку во декември, а најголемо зголемување од 1,6 отсто минатиот месец имало кај разновидните стоки и услуги. Намалување на трошоците за живот во јануари имало кај транспортот за 0,9 отсто, комуникациите за 0,4 и за о,2 отсто кај облеката и обувките.

Трошоците на животот за домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и образование во јануари годинава останале на исто ниво како и во претходниот месец.

Споредено, пак, со јануари минатата година, најголем скок има кај цените на безалкохолните пијалаци, минерална вода, и сокови од овошје и зеленчук кои пораснале за 16,2 отсто. Цената на маслото за една година бележи пораст од 11,8 отсто. Зеленчукот, овој јануари во споредба со тој во 2024 година, е поскап за 10 отсто, а овошјето за три проценти.

Според податоците од ДЗС, цената на основните производи како млекото, сирењето и јајцата за една година пораснала за 6,9 отсто, а на месото за 4,6 проценти. Пораст за една година има и кај облеката за 3,1 отсто и кај обувките за 3,5 проценти.

Во извештајот на ДЗС може да се забележи дека минатиот месец споредено со јануари 2024 година пораст има и кај домувањето, здравствената заштита, транспортот, комуникациите, образование, ресторани, хотели, рекреација, култура и кај другите разновидни стоки и услуги.