Денеска во вилата Водно се одржала церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Претседателката, на којашто присуствувале основци и претшколски деца.
Денешни гости во претседателскиот Кабинет беа учениците од основните училишта „Мирче Ацев“ од општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром и децата од градинката „Весели Цветови“ од општина Кисела Вода, објави кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Заедно со своите наставници, тие ја проследија Церемонијата на свеченото менување на државното знаме којашто се случува секој втор петок во месецот, во реализација на Баталјонот за почести при македонската армија и претставува чин со којшто се оддава почит кон македонското знаме како симбол на државата, стои во информацијата.
Дечињата имале можност да ги разгледаат работните простории каде што се реализираат средбите и настаните на претседателката. Во разговор со нив, инспирирана од песните коишто ги испеаја, посветени на татковината, на градот Скопје и на сонцето, претседателката порачала дека токму децата се нашите сонца, нашите месечини и нашите ѕвезди.
„Вие сте нашиот живот и нашата иднина. Кога ве гледам денеска распеани и среќни и јас сум многу среќна“, истакнала Гордана Сиљановска-Давкова.
Говорејќи за македонското знаме, таа посочила дека црвената боја ја претставува борбата, а жолтото сонце е нашето, македонското сонце, коешто ја грее државата. „Каде што е знамето, таму е државата, таму е татковината. Понекогаш знамето како симбол, многу повеќе кажува одошто зборот. Треба да си ги почитуваме симболите, оти тие се единствени, наши, македонски“, додала претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во искрен и отворен разговор, дечињата ѝ поставија многу прашања поврзани не само со нејзиниот професионален ангажман, туку и со приватниот живот. Тие беа љубопитни за нејзиното хоби, за омилената боја, храна и цвеќе, како и за одговорностите коишто ги носи функцијата Претседател, стои во соопштението од кабинетот.
Поврзана вест
Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија останува наш поддржувач на патот кон ЕУ