Бугарскиот академик Георги Марков ја нарече министерската за надворешни работи Екатерина Захариева одродена Бугарка за нејзината изјава спроед која со признавањето на македонската држава Бугарија го признала и македонскиот јазик.

„Тоа се одродени луѓе. Тежок збор но така е. Од каде ги наоѓаат како од калап да ги вадат“, е коментарот на еден од водечките бугарски интелектуалци кој смета дека не постои македонски народ и македонски јазик различен од бугарскиот.

Влијателниот академик му сугерира на премиерот Борисов да ја следи политиката на екс премиерот Иван Костов.

„Кога беше потпишана декларацијата со Македонија во времето на Костов имаше спор и се реши со споменување на јазици на соодветните устави без притоа да се спомене македонскиот јазик. Сега треба да се искористи тој пример. Пред 1999 година Љубчо Георгиевски беше во Софија и имаше спор но тој се надмина без да се спомнува македонскиот јазик“, вели историчарот Марков кој ја обвинува министерката Захариева дека не била подготвена за темата Македонија.

„Од каде ги наоѓаат таквите. Имаме добри дипломати од кариера, да најдат такви а не од разни фондации. За жал тоа се чиновници кои не ги интересираат националните интереси на државата. Не може вицепремиер и министер за надворешни работи да каже дека го признаваме македонскиот јазик: не ја признаваме нацијата не сме го признале ни јазикот. Нека го прочита тоа Захариева која што е од екипата на Плевнелиев (екс претседател на Бугарија)  кој е роден во Гоце Делчев и ниту еднаш не ја посети Македонија во неговиот мандат“, вели академикот Марков за изјавата на министерката Захариева според која со признавањето на македонската држава Бугарија го признала и македонскиот јазик.