Желјаско Радуков, долгогодишен експерт во Министерството за надворешни работи на Бугарија, од денеска стапува на должноста нов вонреден и ополномоштен амбасадор во Македонија на местото на Ангел Ангелов, кому мандатот му истече во јуни.
Радуков има клучна улога при создавањето и прифаќањето на Францускиот предлог (Бугарите го нарекуваат „Европски компромис“) 2022 година, како и во преговорите со Македонија за Протоколот од Втората седница на Меѓувладината комисија по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во јуни 2022.
Извршувањето на функцијата организациски секретар на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и активната работа „за заштитата на правата и на културно-историското наследство на бугарската заедница во Македонија“, биле дополнителните мотиви во прилог на Радуков да биде новиот амбасадор на Бугарија во Скопје.
Предлогот од февруари годинава е на бившата вицепремиерка и тогашна министерка за надворешни работи Марија Габриел.