Европската унија решила да почне преговори (само) со Албанија?! Супер! Нека им е со среќа и на Брисел, и на Тирана.
Нема зошто Албанија да ја чека Македонија, кога за Македонија не е доволна за почеток на преговори за членство ниту промената на името на државата, преседан невиден во историјата на Унијата. За чувството на пониженост на мнозинството македонски граѓани, не само Македонци, да не зборуваме.
Не се доволни ни, практично, демилитаризацијата на една од најсиромашните членки на НАТО со подарувањето борбени авиони, тенкови, муниција и што уште не на Украина во војната со Русија, ни протерувањето руски дипломати од Скопје. Не е доволна ни двојазичноста на целата територија на државата, уште еден уникат за унитарна држава. Не е доволно ни штитењето на Европа од мигранти од Блискиот Исток и од Африка.
Единствено за Македонија не важат (само) копенхашките критериуми за придружување на Унијата. Само за Македонија истата таа ЕУ донесе срамна Лисабонска декларација уште кога Скопје се осамостојуваше од Белград, според која ќе ѝ ја признае независноста само ако во името на државата не биде содржан зборот Македонија?!
Македонија беше условувана со демаркација на границата со Косово, а во ЕУ влезе Кипар, кој ден-денес нема власт на својот северен дел населен со мнозинство Турци. Ни Украина, Грузија и Молдавија не си ја контролираат целокупната територија, односно имаат руски трупи на неа, но ни тоа не беше пречка ЕУ да им даде статус на кандидатки за членство.
Македонија дозволи прелет на авиони на НАТО што ја бомбардираа Србија. Македонија прими над 300 илјади бегалци од Косово. Македонија о(п)стана на европскиот курс по цена и на сопствено идентитетско обезличување. И што доби за возврат? Блокада.
А не толку одамна немаше поевроентузијастички народ од македонскиот. Над 90 проценти на сите можни анкети до скоро даваа огромна поддршка за зачленувањето во ЕУ. И повеќе не е така. Не само што забележително опаѓа бројот на Македонци што посакуваат влез во Унијата, туку сè повеќе не ѝ веруваат на искрените намери кон Македонија.
Да. ЕУ од самото осамостојување на Македонија финансира многу проекти за подобрување на животот во неа и за нејзино приближување до стандардите поставени од Брисел. И за тоа не може да се најде ниту една забелешка. Напротив. Благодарноста од македонските граѓани самата по себе се подразбира.
Но, за заглавеноста на Македонија безмалку две децении во еврочекалницата не ќе да е кабает само земјата со најдолг кандидатски статус по Турција. Има Македонија мал милион мани, нејзините институции се далеку од потребите на граѓаните, неправди врз поединци колку сакаш, распространета корупција, недоволен економски развој итн. Но, многу од тие слабости ќе ги немаше ако Брисел не поставуваше нови и нови услови какви што немал никој на патот кон ЕУ.
Издвојувањето на Албанија од пакетот со Македонија само дополнително ќе ги демотивира и онака одамна разочараните Македонци од двојните аршини на сојузот на 27 држави. Тие нема да престанат да мечтаат по вистинските европски вредности, тие на кои се повикаа основачите Шуман и Моне кога во 1950 година зборуваа за обединета Европа и за соработка меѓу европските држави, иницирајќи ја заедницата за јаглен и челик. Но, и нема да заборават на сите неправди и премрежиња на кои се изложени од 2005 година, кога нивната татковина официјално стана кандидат за пристапување.
Европската унија има(ше) историска шанса да направи од Македонија свој најверен сојузник и лојален член. За такво нешто не треба(ше) многу. Само елементарна почит. За сите жртви на овие веќе помалку од два милиона преостанати страдалници во името, меѓу другото, и на идејата за „обединети во различностите“.