ЕУ барала Македонија да ја затвори границата, лани уапсени 22 малолетни мигранти

Организацијата „Global Detention Proj‏ect“ (ГДП) која се занимава со уапсените бегалци и мигранти на глобално ниво во својот профил за Македонија тврди дека затворањето на границата со Грција во 2016 година не е самостојна одлука на македонските власти туку е донесена под притисок од Европската Унија.

-Европската унија и Фронтекс ја притиснаа земјата да го запре бранот бегалци. Во моментов во земјата се користи еден објект за затворање на бегалци кој еуфемистички се нарекува „Приемен центар за странци“, како и Ад Хок транзитни кампови на граничната линија, пишува во анализата на ГДП за состојбата во Македонија.


Според изјавите на македонските власти и претставниците на земји членки на ЕУ одлуката за затворање на границата беше самостојно донесена од владата во Скопје а некои од ЕУ земјите во јавноста дури и ја критикуваа оваа одлука како нехумана.

Според ГДП сепак одлуката била донесена по силен притисок од ЕУ и нејзината полициска мисија Фронтекс.

Според ГДП лани во Македонија биле уапсени 389 бегалци од кои 22 се малолетни а вкупно 130 илјади бегалци минале низ земјата. Во 2015 година земјата примила 741 апликација за добивање бегалски статус.