„Етничките паралели“ на Шахоли: Зошто да има во Гостивар споменик за партизанот Чеде Филиповски, а не и за балистот Џем Хаса?!

„Двата албански табора – ДУИ и опозицијата – се обвинуваат меѓусебно околу поставувањето на бистите на македонските херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан, кои се тргнати од градскиот плоштад во Тетово во 2007 година! Но ДУИ веќе 15 години не го остварува ветувањето дека ќе постави во Струга споменик на командант Струга-Нури Мазари. Опозицискиот претседателски кандидат и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари не може да најде со години место за споменик на албанскиот националист Џем Хаса во Гостивар. Зошто може да има во Гостивар споменик за партизанот Чеде Филиповски, а не може за балистот Џем Хаса?“ – вели Медаи Шахоли од Струга во својата колумна со наслов „Обвиненија и противобвиненија меѓу албанските табори“, објавена во весникот на албански јазик „Лајмпрес“. Колумнистот повлекува паралели врз етничка основа меѓу, од една страна, народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан и, од друга страна, Нури Мазари-„Командант Струга“, како и меѓу, од една страна, народниот херој Чеде Филиповски-Даме и, од друга страна, Џемо Хаса. Но, дали е воопшто можно какво било повлекување вакви етнички паралели, дали е воопшто можно какво било споредување и ставање во ист контекст на овие личности, имајќи ги предвид неизбришливите историски факти и сведоштва за тоа што сторил секој од нив поодделно?! Колку кој заслужил, или не заслужил да му се подигне споменик? Уште повеќе, кој каков третман треба да има, со оглед на неумоливите историски факти и сведоштва од поновата македонска историја?

Весникот „Македонска нација“ во една статија за народниот херој Чеде Филипоски – Даме има посочено: „Тој оствари успешна и богата  воена и политичка кариера. Од ѕидарски работник стана командант на 48-мата македонска дивизија на НОВЈ во 1944 година. Од член на партиска ќелија во 1941 година во селото Ниќифорово стана  член на  АСНОМ –  највисокото преставничко тело во Македонија. Во четиригодишната борба против окупаторот и домашните  предавници Чеде беше исклучителен и бестрашлив борец. Токму тоа уште додека беше жив му обезбеди место меѓу  македонските легенди. Во колективната меморија на  македонскиот народ се запишани неговите подвизи и храброст како борец со големо срце.“

Кој е Џемо Хасани, за кого колумнистот прашува: „Зошто може да има во Гостивар споменик за партизанот Чеде Филиповски, а не може за балистот Џем Хаса?“ Во текст објавен во весникот „Нова Македонија“ за 5, 6 и 7 мај 1945 година Владо Малески пишува: „Ноќта меѓу 3 и 4 мај 1945 при една акција на Третата бригада беше убит познатиот бандит Джемо. Тој беше најголемиот  крвник на македонскиот народ, верен слуга на фашиските окупатори. Името на Джемо е сврзано  со илјадници злочини, за кои не постои мерило, со кое би се измерила нивната тежина. … Тоа беа најцрните дни во историјата на  македонското население во тие места. Страв и трепет стана името Джемо. Мирните селани од гостиварско и тетовско биваја убивани и плјачкани по пат – за на пазар, во нивните сопствени кукји, на бачила. На злочините им немаше крај. … Почнаја да горат села во Копачијата, кичевско, и Дебарца. … се крена илјаден башибозук, кој со пушка, кој со стап – а на чело на подивените вјаваше на бел конј Джемо Симница со шарени реденици на гради и со кубури ‘седефлии’ на појас… Пламнаја Кленовец, Потоец, Малкоец, Душегубица, поулавеја силуваните девојки, како снопје пагјаа пострелани жени и старци. А после се редеја село по село: Никифорово, Леуново, Маврово… Во септември 1944 година беа опколени партизани и позадинци во село Беличица. Целото село беше запалено, а во огинот фрлени жени и деца да се така насладуваат джемовците на смртта на своите жертви. Над пискотниците  на изгорените, над офканјата на недогорените се слушаше садистичкото смејенје на професионалникот убиец Джемо Симница.“

Но, во албанската историографија Џемо Хасани, или како Џем Хаса, има сосема поинаков третман. Во својата обемна статија со наслов „Џем Хаса-Гостивари, легендарниот херој и икона на албанската смелост“, објавена на 2.6.2010 година на интернет-порталот „Земра шќиптаре“ д-р Веби Џемаили, професор по историја во државниот Тетовски универзитет, покрај другото, има напишано: „Џем Хаса е сенационален херој на албанскиот народ. Во својата борба против славомакедонските комунисти тој го следеше аманетот на Абдул Фрашери: ‘Сите заедно да се бориме и да работиме за Етничка Албанија, за албанскиот народ, за да бидеме обединети’.“

Поглед и на втората етничка паралела, која се обидува да ја повлече колумнистот Медаи Шахоли во својата колумна во „Лајм“. За народниот херој Тодор Циповски-Мерџан на „Википедија“ се укажува: „Бил организатор и одличен раководител на револуционерната и народноослободителната борба, секретар на Околискиот комитет на Комунистичката партија во Тетово, како и народен херој на Македонија и Југославија. На 19 март 1943 година во неговата куќа е одржана првата седница на ЦК на КПМ. Во август 1944 година Циповски е делегат на Првото заседание на АСНОМ, на кое се поставуваат темелите на македонската држава.“

За вториот народен херој Ѓоце Стојчевски-Амбарче, исто така еден од плејадата на храбрите борци на македонскиот народ во неговата борба за слобода и за создавање своја самостојна држава, историските записи содржат факт дека бил во 1941 година секретар на МК на КПЈ во Тетово. За него на „Википедија“ уште пишува: „Во 1943 година бил и политички комесар на Шарпланинскиот партизански одред.“

Кој е Нури Мазари-„Командант Струга“, за кого се бара да биде конечно поставен споменик во Струга? На „Википедија“ на албански јазик за него е напишано: „Нури Мазари од селото Делогожда, Струшко, познат како Командант Струга, беше борец првин на косовската УЧК, а во 2001 година учествуваше и во редовите на македонската УЧК. Тој израсна во духот на албанскиот патриотизам. Во оружениот судир во Македонија тогаш беше именуван како командант на првата воена формација на УЧК. Тој даде придонес за својот албански народ. По локалните избори во 2005 година стана советник во општина Струга. Во 2005 година беше убиен во сеуште неразјаснети, мистериозни околности.“

Инаку, во својата спомената колумна Медаи Шахоли во „Лајм“, покрај другото, нагласува: „Општина Тетово: Владата на ДУИ и СДСМ е одговорна за поставувањето на бистите во Тетово! ДУИ: Билал Касами ги враќа во Тетово бистите на Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан тргнати од градскиот плоштад во 2007 година! Во расправијата меѓу двата албански табора околу поставувањето на бистите на македонските херои во Тетово едната страна ја обвинува другата за предавство, префрлајќи ѝ ја одговорноста за враќање на бистите, кои моментно се поставени во дворот на градскиот музеј.“

„Што се однесува до бистите и спомен-обележјата, ДУИ разочара со празните ветувања низ целата земја: ветија дека ќе постават во Струга споменик на командант Струга, но празната основа веќе 15 години го чека споменикот на командант Струга-Нури Мазари. Не вредат ниту ветувањата за промени од албанската опозициска коалиција ‘Вреди’: кандидатот за претседател и сегашен градоначалник на Гостивар Арбен Таравари со години не може да најде место за споменик на албанскиот националист Џем Хаса.“

„Зошто може да има во Гостивар споменик за партизанот Чеде Филиповски, а не може за балистот Џем Хаса? Не му дозволува ВМРО ДПМНЕ на Таравари да има споменик на националистот Џем Хаса во Гостивар, како негов партнер во локалната власт, или не му дозволуваат СДСМ и владата како централна власт?!“