Екс  владата вработувала до последен здив, лепче имало и за соло пејачи

 

На десетина дена пред заминувањето, претходната Влада вработила 80 лица, меѓу нив имало и кадар со средно музичко образование отсек соло пеење.
Извори од Владата за медиумите брифираат дека вработените седат во преполни канцеларии без никаков ангажман.
Првиот проблем со кои се соочил генералниот секретар Рашковски, е како да им најде што да работат.
– На лице кое има средно музичко образование, отсек соло пеење како да му најдам работа во генералниот секретаријат според професионален ангажнман и образование. Јавната администрација од една страна имате помала вработеност или поголема и тоа на кадар кој реално нема каде да му најдете работен ангажман кој одговара на неговото образование, вели Рашковски
Флексибилно работно време е еден од моделите за надминување на овој проблем според министерот за информатичко општество Манчевски кој вели дека отпуштања нема да има, а администрацијата мора да биде ослободена од политичките притисоци.
„Јавната администрација мора да биде селектирана и унапредувана само врз принципот на заслуги. Администрацијата беше под силен политички притисок и не беше мотивирана професионално да си ја врши работата“, изјави Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество.
Според последниот извештај над 120 000 вработени има во јавната администрација. Министерот Манчевски најавува ревидирање на регистарот, по што ќе ја објават конечната бројка, пишува телевизијата 24 вести.
За разлика од владата во судството сосема поинаква слика. Денеска порталот Сведок објави дека 40 вработени од Јавното обвинителство ќе останат без работа затоа што досега работеле како хонорарци.