Екстерористка на РАФ се сретна во Скопје со синот на нивна жртва

Јерг Шлеер, син на германскиот индустријалец Ханс Мартин Шлеер, убиен во 1977 година од терористичката организација „Фракција на Црвената армија“ (РАФ), минатиот месец бил во Скопје на средба со нејзината некогашна членка Зилке Маер-Вит, која со години живее во Македонија.

Сега 67-годишната пензионерка тогаш го следела движењето на жртвата пред киднапирањето, а по погубувањето се јавила во новинска агенција со пораката: „По 43 дена му ставивме крај на мизерното и корумпирано постоење на Шлеер“.

Но, таа не го убила, а во октомври му испратила писмо со извинување на неговиот син Јерг, канејќи го на средба, која ќе се случи во ноември во македонскиот главен град. Средбата траела осум часа, во кои Маер-Вит му раскажала за секојдневниот живот на РАФ и длабоко му се извинила.

„Таа има расчистено со своето минато, посакува само да го најде своето спасение“, вели 63-годишниот Јерг Шлеер за германскиот дневен весник „Тагесшпигел“.

При киднапирањето на Ханс Мартин Шлеер биле убиени неговиот возач и тројца полицајци што го заштитувале. По ликвидацијата на индустријалецот, Зилке Маер-Вит пребегала во тогашна Демократска Република Германија, но во 1990 година била откриена и следната година осудена на десет години затвор, за во 1995 година да биде ослободена предвреме.

„Живеам сама во Скопје, Македонија, каде што пишувам магистерски труд за историјата на Балканот“, ќе рече пред два месеца ударната тупаница на озлогласената група позната и како „Бадер-Мајнхоф“ пред повеќе од сто посетители на дебата во Музејот на ДРГ во Берлин.