Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, не ја исклучува можноста да се врати идејата за размена на територии и корегирање на границите во Балканот. Во овој контекст тој ги споменува Косово, Србија и * Македонија! Овие ставови тој ги изнесе во интервјуто, што го даде за информативниот портал „Панорама“ од Тирана, од Албанија. Во споменатото интервју Болтон се осврна и на новата администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, за луѓето, што ги предложи тој за клучните позиции и околу тоа што се очекува да се случи.
Одговарајќи на прашањата дали мисли дека може да се врати повторно размената на териториите во Косово по ангажирањето на Гренел, како и дали гледа некаква опасност таму, Болтон предупреди дека може да се врати идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово. „Ова е можно. Стабилноста на Балканот и решавањето на овој долг политички судир се важни од многу причини. Една од тие причини е намалувањето на можностите Русија да предизвика проблеми на Балканот. Ако погледнете што се случува во Молдавија, или во првиот круг од претседателските избори во Романија, јасно е присутно руското мешање.“ – истакна Болтон.
„Што и да направиме, тоа донесува решение – не велам да форсираме нешто кон кон кого било, – но ако тоа е нешто, што ќе им донесе корист на сите, како што е случајот со името на Македонија, која денес се нарекува * Македонија, значи, ако постои можност да донесеме решенија добри за сите, тогаш треба да биде приоритет за Америка да изнајде во една добра волја пат за затворање на судирите. Да ја сменат страницата сите, да зборуваат повеќе за зачленување во НАТО, во ЕУ. Стабилноста во Балканот би била добра за сите. Не велам по секоја цена, но тоа е нешто што треба да се има предвид.“ – истакна Џон Болтон во интервјуто за „Панорама“ од Тирана, Албанија.
На 25 јануари 2019 година дневник весник „Екатерини“ од Грција ја пренесе „честитката која тогаш им ја упати на Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија“ Џон Болтон, во тоа време како советник за национална безбедност на САД, преку објава на општествената мрежа твитер, сега икс. „Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија ја завршија ратификацијата на договорот од Преспа, со кој се решаваат старите несогласувања меѓу Атина и Скопје за името на ПЈРМ. САД го поддржуваат ова извонредно достигнување, што ќе промовира стабилност и просперитет на Балканот.“ – имал порачано тогаш Болтон во својата објава на твитер, сега икс.