Владината делегација предводена од Христијан Мицкоски во дипломатска офанзива. Низа средби премиерот имаше во европските престолнини, каде бара гаранции за патот на Македонија во ЕУ. Овој пат, тој е во Будимпешта, каде ќе се сретне со премиерот на Унгарија Виктор Орбан.
Експертите сметаат дека Македонија во минатото беше потчинета, а сега е влијателен фактор на меѓународната сцена.
-Со непромислените, кусогледи и штетни политики на меѓународен план на владата на СДСМ и ДУИ во период мај 2017-мај 2024 година, Македонија се соочи со своја меѓународна позиција на потчинетост, вазалство, безидејност и политика на беспоговорно служење на интересите на соседни земји (Грција и Бугарија), но и бесперспективно очекување ЕУ да ни помогне во решавање на нашите државнички проблеми. Ако ние како држава сами не се бориме за своја подобра меѓународна позиција, зошто тогаш некој друг би го правел тоа за нас?! Тоа беше иницијалниот момент којшто најпрво програмски во изборниот процес во 2024 година, а потоа и како владина политика во делот на надворешната политика го претстави во јавност претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата-Христијан Мицковски. Оттука произлезе и неговата дипломатска офанзива со три посети на САД, работни средби во Брисел, Анкара, Будимпешта…, со цел да ја презентира новата про-активна политика на македонската држава, не само со конструктивни предлози за отпочнување на нашите преговори со ЕУ за полноправно членство,туку пред се,обмислено и внимателно презентирање на македонска опсервација на огромните промени во светската гео-политика. Јасната определба на Мицковски за европската иднина на Македонија, при што од исклучително значење ќе биде одвивање на успешен реформски процес во македонскиот општествен систем (во сите три подсистеми-форма на управување,економија и општествена надградба) и потенцирање на важноста на стратешкото партнерство со САД е камен-темелникот на македонската надворешна политика во иднина. Со доследност, принципиелност и посветеност кон нашата домашна задача на европскиот пат и елиминирање на тешкотиите произлезени од нерамноправните меѓународни договори со Грција и Бугарија, може да очекуваме да се промени сликата за Македонија од пасивен набљудувач на европските и светски процеси, во активен учесник во тие процеси со свои конкретни заложби и предлози, вели поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев, пренесува Курир.
Ѓорчев анализира дека актуелната Влада води атрактивна и конзистентна економска политика на поволности за странските инвеститори.
-Истовремено, вложената енергија при бројните средби со челници на европските држави и со државите од други континенти, ќе ни овозможи уште поголеми перспективи за промоција на можностите на македонската економија и презентација на нашата евтентична култура. Актуелната влада води атрактивна и конзистентна економска политика на поволности за странските инвеститори. Особено значење ќе има македонската емиграција којашто во голем број е присутна во развиените европски земји-Германија,Франција,Белгија,Шведска…, но и во земјите од американскиот континент и Австралија. Потребен е огромен ангажман конечно да се искористи тој огромен потенцијал на македонските иселеници и да се преточи во кинетичка енергија на привлекување на нивни директни странски инвестиции во својата матична држава. Радува податокот што трета и четврта генерација на македонското иселеништво се уште го негуваат македонскиот јазик и имаат чувство на родољубие кон Македонија. Нивното вклучување во нашиот економски систем бездруго ќе биде најголем успех за Македонија, посочи Ѓорчев.