По повлекувањето на македонскиот генерален конзул од Канада Јовица Палашевски на барање на грчката влада македонската дипломатија се соочува со нов скандал под притисок на владата во Скопје а на барање на Грција.
За разлика од Палашевски кој настрада само затоа што како гостин учествувал на настан оранизиран од дијаспората на кој била изложена мапа од географска Македонија во новиот случај македонскиот дипломат е факторот кој директно го предизвикал скандалот.
На видеото до кое дојде expres.mk се гледа како вицеконзулот во Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто Александра Стојкова го прекина говорот на истакнат член на македонската дијаспора во оваа земја во моментот кога тој почнува да зборува дека Македонија се соочува со искушенија.
Инцидентот се случил за време на подигнување на знамето на 8-ми септември на прославата на денот на независноста на Република Македонија.
Во моментот кога претседателот на Организацијата на Обединетите Македонци на Канада Мендо Бакаловски зборува за македонските искушенија тој е прекинат од вицеконзулката на Република Македонија во Торонто, Александра Стојкова која што му става некаков лист хартија пред уста по што Бакаловски мора да го прекине говорот.
Според македонската дијаспора во Канада никој не може да ги натера Македонците во оваа земја и секаде низ светот да прекинат да говорат за неправдата, геноцидот и дискримацијата која што се врши врз Македонија и Македонците.
Тие ја поддржуваат македонската влада во обидот да воспостави добри односи со соседите и со сите чинители во светската политика но нема да дозволат во тој обид да се негира македонската историја, нација, идентитет и култура.
Реакцијата на вицеконзулката ја толкуваат како спроведување на наредба од македонската влада која што има за цел да ја замолчи македонската дијаспора со што се отвора војна меѓу матицата и Македонците во светот.