Клучен човек од криминалниот прстен околу Груби и Ахмети долго време е во Солун, дознава expres.mk од дипломатски извори во Грција кои се потврдени и од дипломати во Скопје.
Човекот кој има свој стан во елитно предградие на Солун е дел од најмалку еден огромен корупциски скандал што го прави потенцијално ново име на Црната листа на САД, тврдат изворите на expres.mk.
Според сознанијата на expres.mk бизнисменот и екс функционер во времето на владата на Никола Груевски знае дека може наскоро да се соочи со правдата во Македонија и затоа не доаѓа во Македонија.
Луѓе од неговото опкружување велат дека тој не бега од Македонија, дека легално престојува во Грција и дека ако биде поканет од истражни или судски инстанци ќе дојде во Скопје да одговара пред за сомнежите за криминал.
Покрај ова лице во Грција веќе седма година под заштита на грчките власти, судот и тајни служби престојуваат двајца екс директори на УБК од времето на Сашо Мијалков, Никола Бошковски и Горан Грујевски кои беа обвинети за случајот Таргет – Тврдина а имаат статус на азиланти.
Лицето кое подолго време се наоѓа во Солун чиј идентитет и локација е позната за македонските власти нема побарано азил ниту друга заштита. Тој на повеќе нивоа се поврзува со криминален случај во македонскиот енергетски сектор вреден над сто милиони евра.
Дипломатите не можат да потврдат дали ова лице има врска со случајот кој пред точно една година го обзнани претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата која најави иницијатива за кривично гонење до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против поранешниот директор на државната ЕСМ Васко Ковачевски и други службени лица вработени во ЕСМ и во Министерството за економија.
Овие лица биле дел од Комисијата за спроведување на набавката на мазут за потребите на ЕСМ/ТЕЦ Неготино.
Антикорупционерите во декември лани утврдиле низа сомнежи за неправилности во постапката.
Набавката требало да ја изврши фирмата РКМ, во сопственост на Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во Пуцко Петрол на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ. Сулкоски има и други фирми регистрирани на иста адреса со Јахоски и со Куштрим Смајлај, зетот на Али Ахмети.
Контроверзната фирма, која беше опфатена со скандал на транспорт на отпадно масло како мазут во Хрватска, требало да испорача 195 илјади тони мазут за 7,5 милијарди денари, или околу 112 милиони евра.
Членот на Антикорупциската комисија Горан Трпеноски, кој го работеше случајот, тогаш рече дека постои сомнеж дека толкава количина мазут не можела да биде испорачана за многу краток временски период, а во тендерската документација не било барано да се докаже дека фирмата има технички капацитет да го испорача мазутот.
Антикорупционерите лани утврдиле дека со анекси на договорите, на РКМ ѝ било овозможено да испорача помалку мазут за повеќе пари од првично договореното.
Биле испорачани 18 илјади тони мазут помалку, а казнените пенали за непочитување на договорите биле минимални.
Антикорупционерите се сомневаат дека функционерите несовесно работеле и ја злоупотребиле службената должност, со што предизвикале пораст на цената на мазутот, и му овозможиле поголем профит на РКМ.
Антикорупционерите утврдиле сомнежи за трговија со инсајдерски информации, даночно затајување, монополско здружување заради зголемување на цената на мазутот и други кривични дела.
За нивните сомнежи тогаш била известат владата, Комисијата за заштита на конкуренција, Регулаторна комисија за енергетика, УЈП и Финансиската полиција.
,,Не знам за какви наводни неправилности станува збор. Постапката за набавка на мазут за работа на ТЕЦ Неготино е спроведена согласно законите и прописите во РСМ. Истата беше јавна и транспарентна, и често пати објаснувана на јавноста”, изјави тогаш Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ кој сега исто така не е во Македонија.
Емисијата КОД на Снежана Лупевска ја отвори темата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино на почетокот на 2023 година кога објави истражувањето според кое условите за набавка се менувале за да ја добие токму РКМ на Капушевски.
По објавувањето на истражувањето, Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива оформи предмет да се испитаат наводите за незаконитости во набавката.
Обвинителството за организиран криминал кое го води блискиот човек на семејството на Али Ахмети, Ислам Абази, досега не покренало сериозни активности за Капушевски или други лица поврзани со овој огромен скандал.
Фото: КОД