Ексклузивно: Американска покана за пријатели што Македонија нема да ја добие (ФОТО)

Expres.mk ексклузивно ја објавува поканата што Соединети Американски Држави ја испратиле до земјите пријатели на кои што сакаат да им се заблагодарат за искажаното пријателство.

Во текот на вчерашниот ден expres.mk објави неофицијална информација дека Македонија не е меѓу поканетите земји-членки на ОН што се удостоени со прием од САД во Њујорк.


Денеска ја објавуваме поканата што ја примиле само земји што се означени како пријатели, но не и оние што пред една недела гласаа против интересите на САД во ОН, меѓу кои е и Македонија.

Приемот ќе се одржи на 3 јануари 2018 година од страна на постојаната претставничка Ники Хејли во Обединети нации од 18 до 20 часот.

На него, според информациите, ќе бидат поканети само земјите што не се спротивставија на САД за време на гласањето за резолуцијата против американското признавање на Ерусалим за главен град на Израел.

Неофицијално, македонскиот амбасадор во ОН, Василе Андоноски, прелиминарно бил планиран да биде повикан, но по гласањето контра позициите на САД, Македонија ја нема меѓу земјите пријатели на кои што САД ќе им се заблагодарат за партнерството и за поддршката која што овој пат изостана од официјално Скопје.

Во претходните две гласања поврзани со палестинското прашање во ОН, Македонија гласаше воздржано, а сега нема никаква официјална информација од македонските власти зошто е напуштена ваквата практика што ниту нè става во нелагодна позиција ниту ѝ создава непријатели на земјата на меѓународен план.