Европските лидери со различни ставови за испраќањето војници во Украина на самитот во Париз

Европските земји се судрија околу испраќањето трупи во Украина на кризната средба, објави Фајненшл тајмс.

„Изби судир меѓу европските лидери за испраќање трупи во Украина на вонреден состанок чија цел беше да се постигне единствен став за одговор на мировните преговори на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија“, се наведува во написот.

Во написот се наведува дека Германија, Италија, Полска и Шпанија се противат на испраќање на нивните вооружени сили во Украина.

Во директните коментари по самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц ја нарече дискусијата за распоредувањето на војниците „многу несоодветна“ со оглед на тоа дека војната сè уште се води.

„Дискусијата е целосно преуранета и се води во погрешно време“, рече Шолц, кој в недела се соочува со национални избори и долго време беше претпазлив во врска со прашањето за испраќање војници во Украина.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони им кажа на колегите лидери дека се двоуми околу испраќањето европски трупи во Украина, велејќи дека тоа е „најкомплексната и најмалку веројатно да биде ефективна“ од различните опции, пишува ФТ.

Премиерот на Обединетото Кралство сер Кир Стармер рече дека е „подготвен да размисли за ангажирање на британските сили на теренот заедно со другите, доколку има траен мировен договор“.

Стармер потврди дека ќе се сретне со Трамп во Вашингтон следната недела, а по враќањето ќе има дополнителни разговори со европските лидери.

Шпанија пред самитот во Париз изрази скептицизам за испраќањето војници во Украина.

Никој во моментов не размислува за испраќање војници во Украина“, рече Хозе Мануел Албарес, министер за надворешни работи на Шпанија.

Иако Полска ги зголеми трошоците за одбрана од почетокот на војната во Украина и беше „накострешена“ во однос на потребата Европа да се заштити од Русија, премиерот Доналд Туск рече дека Варшава не е подготвена да испрати војници, пренесува ФТ.

Постоеше согласност и едногласност дека е апсолутно неопходно значително зголемување на трошоците за одбрана“, рече Туск.

Тој ги игнорираше разликите прикажани на состанокот, велејќи дека европските земји сфатиле дека мора да ги зајакнат своите војски.

Макрон рече дека ќе продолжи да се консултира со европските партнери во наредните денови, како за помошта за Украина, така и за градењето сопствени војски.

„Сакаме цврст и издржлив мир во Украина“, додаде тој. „Ќе работиме со сите Европејци, Американци и Украинци. Ова е клучот.”

Некои европски престолнини, вели ФТ, стравуваат дека Трамп наскоро ќе ги „испере рацете“ од Украина и ќе побара од континентот да ја осигури безбедноста на земјата по каков било прекин на огнот, што имплицира посветеност на финансиски и воени ресурси далеку над сегашните нивоа.

Како и Обединетото Кралство, Германија, Италија и Полска, исто така, побараа по состанокот САД да останат вклучени во осигурувањето на безбедноста на Украина.

На иницијатива на Макрон, во понеделникот во Париз се одржа неформален самит на неколку европски лидери на кој се разговараше за Украина и безбедноста во Европа, меѓу другото и поради неодамнешниот разговор меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп.