Техничкиот министер за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција изјави дека „Европскиот фронт“ ќе ги обжали одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) во Управниот суд и ќе поднесе пријави за членовите на ДИК за кршење на правото на гласачите да ја изразат слободната волја.

Ова доаѓа откако ДИК ги прифати приговорите кои ги поднесоа политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај, за прегласување во шест избирачки места во ИЕ5 и едно избирачко место во ИЕ6.

„Целта на ваквите незаконски одлуки е да се ублажи поразот на опозициските политички партии во албанскиот блок, меѓутоа, исто така да се оцрни албанскиот гласач во гласачките места, дека не можат да спроведат коректни избори, но се разбира и државата во услови кога за првпат на чело на Влада, за време на организирање на избори е премиер Албанец.

Донесуваме одлука да ги обжалиме овие одлуки на Државната изборна комисија во Управниот суд, но се разбира и да покренеме пријави за членовите на Државната изборна комисија за кршење на правото на гласачите да можат да ја манифестираат слободната волја“, рече Османи.

Тужбите против ваквата одлука на ДИК се поднесуваат во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.