Кога една мала, но горда држава како Македонија тропа на вратата на Европската Унија повеќе од две децении, се поставува прашањето: Кој и зошто, по ѓаволите, ја држи таа врата со години затворена?
Ние како нација сме ги направиле сите потребни реформи, ги проголтавме горчливите апчиња на суво грло, направивме дури и историски компромиси кои не беа ни најмалку лесни.
И сега што? Ни бараат уште.
Ова е моментот кога Македонија треба да испадне мангупка и да му постави ултиматум на Брисел: „а сега вие, ако навистина сакате да бидеме дел од вашето европско семејство, средете си ги внатрешните проблеми и ослободете се од злобата. Излезете од пубертет, па ќе разговараме“.
Со години слушаме за европските вредности – демократија, правда, владеење на правото, еднаквост и солидарност. Но, вистинската слика на ЕУ често е затскриена зад фасадата на овие идеали. Внатрешната политика на Европската Унија е обременета со надменост, егоизам и постојани конфликти меѓу самите нејзини членки. А ние, надворешните кандидати, секогаш се третираме како „оние кои не се доволно добри“.
А ако веќе толку долго нè држите надвор, како тогаш сте сигурни дека вие самите сте подготвени да нè примите? Да нè примите не само како држава, туку како партнер со рамноправни права и обврски.
Зошто сега ние да не побараме од ЕУ да ги реши своите внатрешни слабости – фрагментацијата, недостигот на единство и неправедното однесување кон одредени членки? Не можеме и не сакаме да бидеме дел од Унија која ја проповеда еднаквоста, а зад затворени врати практикува дискриминација и двојни стандарди.
Ако Македонија навистина сака да испадне мангупка, време е да го каже она што никој не се осмелува: „Европо, сестро, ако сакаш да нè видиш во клубот, прво среди си ги домашните проблеми. Сме издржале 30 години без вас, ќе издржиме уште 30“.
Треба да им поставиме јасни услови: дајте ни конкретни гаранции дека нема да бидеме третирани како граѓани од втор ред. Не ни е потребно членство каде што ќе бидеме само бројка. Нè интересира иднина каде што ќе можеме да придонесуваме и да бидеме почитувани.
Факт е дека Европа има своја надменост и себичност – само треба да се погледне како некои земји се однесуваат во кризни моменти, како ги третираат послабите и како одлучуваат за туѓи судбини и за туѓи идентитети.
Ако навистина сме Европејци, тогаш треба и ние да им поставиме стандарди, а не само тие нам.
Драга Европо, ќе нѐ бараш, ама вакви будали како нас никаде нема да најдеш. Ние не бараме милостина. Бараме фер игра. И ако вие сте толку одлучни да го ширите својот европски проект, тогаш ослободете се од вашите внатрешни демони. Испратете сигнал дека сте подготвени за промена, за прогрес, за праведност.
Ние сме веќе доволно зрели да бидеме дел од вашиот тим. Прашањето е дали вие сте доволно зрели да нè примите?
Едноставно кажано – Европа, време е за саморефлексија. И време е да почнете да нè гледате не како малиот брат што секогаш го бркате од собата кога ќе ви дојдат другарките, туку како оној фраер што ви вели: „Доста беше. Или сме рамноправни, или заборавете!“
Оргиналната колумна на Мартин Богатиновски за Плусинфо на следниот линк: