Духовите на жртвите од „Смилковско езеро“ сеуште не можат да се смират

Продолжува сагата на семејствата на убиените 4 деца од Радишани и рибарот од Црешево кои што беа убиени на 23 февруари 2013 година во близина на брегот на Смилковско езеро, каде сега се наоѓа црквата Црква „Св. 40 Маченици“, изградена во чест на убиените момчиња.
И по пет години нема правна завршница на случајот откако денеска Врховниот суд на РМ ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“ за 9 јуни. Причината е отсуство на двајца адвокати на оштетените за петкратното убиство кај Смилковското езеро за кое во 2014 година по долг процес шест обвинети беа осудени на доживотна казна затвор.
Пред одлуката за одложување на процесот на јавната седница јавната обвинителка Лилјана Спасовска побара од судот седницата да биде одложена на подолго време за да се прибават доказите и новите факти од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за кои во јавноста долго време се зборува.
Обвинителката бара да се истражи дали новите околности можат да влијаат на конечната пресуда за осудените.

Претседавачот со кривичниот совет и претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски одговори дека Јавното обвинителство доколку има потреба од прибавување на било какви други податоци, тоа имало можност да прибавува такви сознанија, бидејќи предметот бил доставен до Обвинителството во април минатата година и оти имало доволно време за проучување на списите и за прибавување на други докази и факти.

Денешната јавна седница на Врховниот суд се случува една година и 3 месеци откако одбраната се жалеше на пресудата на Кривичниот и Апелациониот суд за затворските казни на осудените за петкратното убиство кај Смилковци.
За ова дело во јуни 2014 година Алил Демири, браќата Агим и Африм Исламиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута беа прогласени за виновни и осудени на доживотна казна затвор за убиствата кај Смилковското езеро.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се во Косово кое одбива да ги предаде на Македонија а обвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвиненијата поради немање на докази против него.

Оваа пресуда беа дочекани со масовни и насилни демонстрации при што голема група демонстранти тогаш се судри со полицијата и предизвика улични немири. Во протестите беа повредени повеќе полицајци, а неколку демонстранти завршија со затворски казни. Во 2015 година Апелацискиот суд ја потврди пресудата на Кривичниот суд.

Во меѓувреме предистражна постапка за „Монструм“ води и СЈО, откако адвокатите на обвинетите побараа од ова обвинителство да го преземе случајот.

Случајот „Монструм“ во многу наврати беше споменуван и од страна на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој најавуваше дека ќе објави прислушувани материјали со кои се докажува дека осудените биле неправредно в затвор. До денеска Заев не објави такви материјали но не се знае дали во аудиот записите што беа предадени на СЈО навистина компромитирачки документи за овој процес.
Заев во 2014 година објави:
„Тоа што ќе го обелоденам е поврзано со тоа што го имам – телефонски разговори и смс пораки. Нема јас да го толкувам тоа, јавноста ќе го протолкува сама како и досегашниот процес. Таа вистина ќе даде одговори на многу прашања. Може овој процес нема да ги даде сите одговори, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои сеуште надвиснуваат над овој процес“.

Четворицата Радишанци, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и рибарот Борче Стефковски од селото Црешево беа убиени на велики четврток еден ден пред Велигден, на 12 април 2012 година.
Обдукцијата во судска медицина покажала дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што значи дека убиството го извршиле повеќе луѓе.